ХОРОРОТ НА НОВИНАРИТЕ ВО БЕЛОРУСИЈА

Телевизиската водителка Татјана Бородкина е позната на јавноста во Белорусија со својата емисија „Доручек за тројца“ која што се емитувала на една од националните тв куќи во земјата. Во емисијата Татјана подготвува брзи и лесни рецепти заедно со своите две мали ќерки.

Пред извесно време преку својот профил во социјалната мрежа Facebook, Бородкина соопшти дека веќе нема да ја води емисијата бидејќи не можела да се смешка од тв екранот, додека резултатите од претседателските избори во земјата се фалсификуваат на безобразен и груб начин.

Откако јавно го искажува своето мислење Бородкина е принудена да избега од земјата заедно со своите две ќерки бидејќи добива закани по својот живот.

Татјана е само еден пример од се поголемиот број на службеници во државните медиуми, кои јавно ја изразуваат својата поддршка за протестите против власта на Александар Лукашенко.

Пред неколку дена дел од вработените во националниот медиум „Белтелерадио“ почнаа да ги напуштат своите работни места, истакнувајќи дека изборите одржани на 9 август се нелегитимни. Тие се објавуваат против и медијскиот мрак и цензура што владее веќе 26 години наложен од претседателот Александар Лукашенко.

Пред BBC Татјана раскажува за ужасот што ја натерал да ја напушти својата родна земја. По објавувањето на својот пост за напуштањето на телевизијата, пред нејзината влезна врата се појавува еден маж.

„Тој почна да ме убедува дека земјата во која живееме е прекрасна и ме праша, што планирам да правам. Ми рече дека дошол само да ме предупреди, но утре ќе дошле и други луѓе“, раскажува Бородкина која во моментот се наоѓа на безбедна локација во Украина.

Заканите кон Бородкина продолжуваат со анонимни пораки на нејзиниот личен телефонски број, а се случува и најстрашното, во иста таква порака директно и е кажано дека ако продолжи да зборува против власта, ќе и ги земат децата.

„Тие сакаат да ги исплашат луѓето, но никој нема да заборави што се случува“, вели таа за масовните апсења и тепањето на учесниците во протестите против Лукашенко.

Новинарката Јана Шјоко исто нема мирен сон откако нејзиниот сопруг репортерот Иван Мурајов исчезнува. Подоцна станува јасно дека тој е уапсен бидејќи ги снимал протестите со својот мобилен телефон.

Шјоко тврди дека нејзиниот маж три дена бил тепан од службите за безбедност.

„Нѐ натераа да застанеме со лице кон ѕидот и да ги кренеме нашите блузи нагоре, потоа почнаа да нѐ тепаат со палки“, раскажува самиот Мурајов. За време на тепањето полицајците го прашувале: „Кого го сакаш?“, а единстениот правилен одговор бил „Ја сакам Белорусија“.

Во Киев, Татјана Бородкина чувствува како целиот нејзин живот да е со главата надолу. Таа гласала за кандидатката на опозицијата Светлана Тихановскаја, бидејќи не може да ја замисли иднината на своите деца во земјата раководена од Лукашенко.

„Многу сакам да се вратам дома, во мојата убава Белорусија. Никогаш не сум помислила дека тоа може да ми се случи. Никој не верувал дека можат да се однесуваат така со нас“, раскажува целата во солзи Бородкина пред екипата на BBC.