| |

Европската комисија ѝ исплати 438,6 милиони евра на Бугарија по второто плаќање од Механизмот за закрепнување и отпорност

Европската комисија соопшти дека на Бугарија ѝ се исплатени 438,6 милиони евра како дел од второто плаќање во рамките на Механизмот за закрепнување и отпорност, клучна компонента на пакетот NextGenerationEU.

На 3 октомври 2025 година Комисијата одобри делумно второ плаќање, бидејќи Софија сè уште не го има исполнето еден значаен реформски чекор – поврзан со реформата на Комисијата за спречување на корупцијата (етап 218). Исплатата на преостанатите средства ќе биде разгледана по неговото целосно исполнување.

Вкупната поддршка за бугарскиот План за закрепнување и отпорност изнесува 6,17 милијарди евра. Со денешната транша, Бугарија досега има добиено 29,5 проценти од предвидената сума, а се исполнети 38,2 проценти од сите планирани реформи и инвестиции.

На 16 април 2025 година земјата побара ревизија на својот план согласно член 21 од регулативата за МЗО, вклучително и делот REPowerEU. Поради измените, Бугарија го повлече претходно поднесеното второ барање за исплата на 17 април 2025 година, со цел да го поднесе повторно по финализирањето на ревизијата. Изменетиот план беше одобрен од Советот на 18 јули 2025 година, а новото барање за исплата беше доставено на 23 јули 2025 година, во износ од 653 милиони евра.

Ова барање опфаќа 59 чекори и цели, распоредени меѓу 28 реформи и 12 инвестиции. Предвидените мерки опфаќаат подобрување на образовниот систем, јакнење на правосудството и јавните набавки преку поголема транспарентност и заштита на укажувачите, либерализација на пазарот на електрична енергија, справување со енергетската сиромаштија и развој на капацитети за складирање на енергија.



Слични Објави