Поради српски интереси Загреб забрани Божикен концерт на бугарскиот црковен хор “Св. Јован Кукузел Ангелогласни”
Во Хрватска избувна скандал откако светски познатиот бугарски хор за црковни песнопенија „Св. Јован Кукузел Ангелогласни“ беше неосновано обвинет дека претставува „непријателски агент“, по што организираниот Божикен концерт, закажан за 7 декември во малата сала на културниот центар „Ватрослав Лисински“ во Загреб, беше откажан само четири дена пред одржувањето. Информацијата беше пренесена од Faktor.bg, повикувајќи се на извори во хрватската престолнина.
Концертот беше во организација на Хрватската православна црква (ХПЦ), која, како и Бугарија, го празнува Рождеството Христово на 25 декември. Договорот за користење на салата бил потпишан уште во јули, медиумите веќе известиле за гостувањето, а официјални покани биле испратени до државниот врв и претставниците на другите верски заедници.
Но на 3 декември во електронскиот весник Dnevno.hr се појавил текст во кој, цитирајќи го српскиот црковен активист Саво Штрбац, се тврди дека гостувањето на бугарскиот хор „може да предизвика конфликт со Белград“. Само еден час по објавата, директорката на центарот „Лисински“, Нина Чалопек, го известила архиепископот Александар, поглавар на ХПЦ, дека договорот се раскинува и концертот се откажува.
Архиепископот Александар, во разговор за Faktor.bg, ја оцени ситуацијата како скандалозна и целосно неоснована. Тој истакна дека ХПЦ не прекршила ниту една договорна клаузула, ниту дала неточни информации, и дека правниот тим веќе реагирал, но одговор сè уште нема.
„Нашата намера беше духовно да се подготвиме за Христовото раѓање, во периодот на пост. Во Хрватска велат дека тој што пее додека се моли – се моли двапати. Токму затоа го организиравме настанот. Но како настап на црковен хор би предизвикал конфликт со Белград – тоа никој не може да го објасни“, нагласи архиепископот.
Тој потсети дека ХПЦ има историски континуитет од крајот на XVII век, кога постоела како Карловачка архиепископија во рамките на Хрватското кралство. „Значи, ХПЦ постоела 250 години пред усташите, пред независна Србија, пред СПЦ да се инсталира тука“, додаде тој, посочувајќи дека токму постоењето на ХПЦ е причина за незадоволството во Белград, од каде постојано се пласираат тврдења дека српската заедница е „загрозена“.
Во програмата на хорoт беше предвидена исклучиво духовна музика. „Св. Јован Кукузел Ангелогласни“ има настапувано во катедрали и светски престижни храмови во Виена, Париз, Единбург, Краков и Москва, трипати бил гостин на папата Јован Павле II, а Радио Ватикан објави CD со нивни изведби.
Скандалот, како што оценуваат од ХПЦ, претставува уште еден пример за ширење антибугарски наративи од одредени српски државни и црковни кругови, како и обид за доминација на Српската православна црква на териториите на поранешна Југославија. Парадоксално, притисокот доаѓа од режим кој важи за најблизок до Кремљ, а резултира со тензии меѓу две членки на ЕУ и НАТО – Хрватија и Бугарија.
Дополнително, скандалот доаѓа само еден месец по иницијативата на Бугарската православна црква, која во Софија организираше чествување со присуство на српски духовници во чест на кралот Стефан Милутин, без формално одобрение од бугарскиот Синод.
Атмосферата околу настанот, според архиепископот Александар, покажува дека културното и духовното не се причина за забрана, туку дека одредени црковни и политички центри на моќ го користат секој повод за да извршат притисок врз ХПЦ и да ја ограничат нејзината видливост.

