Софија меѓу петте најдобри европски градови за зимско буџетско патување
Софија е вклучена меѓу петте најдобри европски градови за поволно зимско патување, според канадскиот туристички портал Travel Off Path јавува БГНЕС.
Експертот Винисиус Коста ја истакнува бугарската престолнина како модерен, но недоволно експлоатиран туристички град со уникатен пејзаж оформен од повеќе цивилизации. Наведени се и ниските просечни трошоци: оброк во буџетски ресторан чини 9–12 долари, хотел со три ѕвезди 40–60 долари, а јавниот превоз околу 0,90 долари.
На врвот на листата се наоѓа полскиот Гдањск, познат по живописниот Стар град и достапните цени. Веднаш по него следат Рига, препознатлива по стара архитектура и богат културен живот, и Солун, кој нуди поблага клима и пониски трошоци за патување. Четврт е шпанската Понтеведра, град на патеката Камино де Сантјаго со привлечен историски центар и умерени цени.
Travel Off Path е глобално достапен портал со седиште во канадската провинција Британска Колумбија.

