Бугарските евромонети со национални симболи ќе бидат законско средство за плаќање во цела Европа
„Бугарските евромонети ќе бидат законско средство за плаќање во цела Европа и ќе ги носат бугарските национални симболи. На тој начин нашата земја ќе стане дел од европското културно и монетарно наследство“. Ова го изјави премиерот Росен Желјазков, кој заедно со гувернерот на Бугарската народна банка Димитар Радев на лице место се запозна со производствениот процес на бугарските евромонети во Монетниот двор на БНБ.
Премиерот Желјазков истакна дека сите евромонети имаат еднаква лицева страна за цела Европа, додека на реверсот се поставуваат национални симболи карактеристични за секоја членка на Еврозоната. Во бугарската серија евромонети се вклучени утврдени национални симболи, личности и објекти од националната историја и културно наследство.
На монетата со номинална вредност од 2 евра е прикажан Паисиј Хилендарски – бугарски монах, духовник и просветител, автор на значајното преродбеничко дело „Историја славјанобугарска“. Десно од ликот е испишано „БУЛГАРИЈА“ на кирилица, а лево се наоѓаат натписот „ЕВРО“ и годината на емисија „2025“. Натписот по ободот на монетата на едната половина гласи „БОЖЕ ПАЗИ БЪЛГАРИЯ“, а на другата е испишан истиот текст, но во спротивна насока.
Монетата со номинал 1 евро го прикажува ликот на свети Јован Рилски – духовен водач, отшелник и чудотворец, сметан за небесен заштитник на бугарскиот народ. Монетите со вредност од 50, 20, 10, 5 и 2 центи го носат ликот на Мадарскиот коњаник – камен релјеф од VIII век, вклучен во Списокот на светско културно наследство.
Премиерот Росен Желјазков и гувернерот на БНБ се уверија дека Монетниот двор работи на исклучително високо ниво, со воведен 24-часовен производствен процес. Тоа, како што истакнаа, гарантира висок квалитет и доволни количества на монети. „Целосно сме подготвени. Со евромонетите отсечени кај нас ќе може да се плаќа насекаде во Европа, а со европските – кај нас. Ова е важен чекор кон успешно економско и социјално развитие на нашата земја“, нагласи премиерот.
Гувернерот на Бугарската народна банка, Димитар Радев, додаде дека подготовките на банкарскиот сектор и на Монетниот центар за воведување на еврото се одвиваат според планот. „Монетниот центар работи со целосен капацитет, обезбедени се доволни количества евромонети. Ќе има доволно монети – и во почетниот пакет и понатаму. Нема место за грижа“, увери Радев.

