Отворена новата наставно-истражувачка зграда на Центарот за квантни технологии при Софискиот универзитет
Во кампусот „Лозенец“ денеска беше официјално отворена наставната зграда на Центарот за квантни технологии при Физичкиот факултет на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, јавува БТА. Центарот претставува врвна научна инфраструктура и клучен чекор во проширувањето и зацврстувањето на универзитетот во областа на квантните науки и технологии.
Министерот за образование и наука во оставка Красимир В’лчев изјави дека развојот на квантните технологии е неопходен за Бугарија да биде високотехнолошка и развиена држава, нагласувајќи ја улогата на научните школи и експертите од светски ранг, меѓу кои и академик Николај Витанов.
Ректорот на Софискиот универзитет, проф. д-р Георги В’лчев, истакна дека новата база овозможува проширување на истражувањата во квантните технологии и е реализирана со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука.
Деканот на Физичкиот факултет, проф. д-р Георги Рајновски, изрази надеж дека центарот ќе ја продолжи традицијата на поврзување на науката, образованието и економијата и ќе придонесе за развој на стартапи во областа на квантните технологии.
Раководителот на Центарот за квантни технологии, акад. Николај Витанов, соопшти дека во центарот моментално работат околу 35 лица, од кои петмина се етаблирани научници, и дека финансирањето е обезбедено преку програмата „Хоризонт Европа“ и Планот за обнова и отпорност. Тој најави планови за создавање Национален квантен институт и изградба на четири експериментални лаборатории, вклучително и квантов компјутер.
Од Физичкиот факултет потсетија дека Обединетите нации ја прогласија 2025 година за Меѓународна година на квантната наука и технологиите, а Нобеловата награда за физика за 2025 година е поврзана со квантната механика и развојот на нови квантни технологии.
