| |

Албум со врвни фотографии ги претставува фреските на Бојанската црква во досега невидени детали

За првпат во бугарската културна историја, фреските на познатата Бојанска црква во Софиja се претставени преку серија исклучително висококвалитетни фотографии, изработени со современа професионална техника по четиримесечна работа на лице место. Проектот овозможува детален приказ на повеќе од 50 фрески од 1259 година, со визуелни, хроматски и психолошки нијанси кои не се достапни за посетителите во реални услови, јавува БНР.

Луксузниот широкоформатен албум „Бојанската црква. Во зората на ренесансата“ претставува најобемното и најпрецизно визуелно истражување на овие дела, кои се сметаат за врв на средновековното бугарско сликарство и рани носители на хуманистичкиот дух во Европа. Стручните текстови во изданието го анализираат творештвото на Бојанскиот мајстор, истакнувајќи го силниот психологизам, индивидуализацијата на ликовите и изразената човечка емоционалност.

Албумот вклучува цитати од истакнати историчари на уметноста и ја поставува Бојанската црква во контекст на XIII век како период на исклучителен уметнички подем. Изданието е достапно на бугарски, англиски и француски јазик, во лимитиран тираж од 2.500 примероци.

Проектот е поддржан од Министерство за култура, а во 2026 година е планирана меѓународна мултимедијална изложба во европски институции и престолнини, со цел претставување на изданието и неговите визуелни откритија пред поширока меѓународна публика.

Слични Објави