| |

Почина бугарскиот писател Калин Терзијски

Почина бугарскиот писател Калин Терзијски. Тој беше еден од најчитаните современи бугарски автори. Тажната вест ја соопшти неговиот брат, Светослав Терзијски, на својот фејсбук-профил, пренесува БГНЕС.

„Пријатели, вчера, на 22.01 во 20 часот почина мојот брат Калин Терзијски. Една измaчена, но голема душа го напушти нашиот мизерен свет. Овде му беше тесно, нека небото го собере“, напиша тој.

Калин Терзијски е роден на 22 март 1970 година во Софија. Дипломирал во Националната природо-математичка гимназија (НПМГ) во Софија. Во тој период ги пишува своите први песни во надреалистички стил – „Стихови на темно“. По отслужувањето на двегодишната воена служба во Граничните единици, во 1990 година се запишува на студии по медицина на Високиот медицински институт – Софија, каде што дипломира во 1996 година, по што специјализира психијатрија до 2000 година. Во истиот период работи и како столар, анкетар, болничар и медицински брат.

Во првите четири години по дипломирањето работи како психијатар во втората по големина психијатриска установа во Бугарија – Државната психијатриска болница „Свети Иван Рилски“ во населбата Курило, Нови Искар. Паралелно со тоа започнува да пишува за весници и за списанијата „SAX“, „Егоист“, „Клуб М“, „Ева“, „Едно“ и „Night life“.

Во 1997 година добива пресуда за ситно хулиганство поради политички протест, откако, заедно со Мартин Карбовски, запалил оган на плоштадот пред зградата на Народното собрание.

Во 2000 година ја напушта работата како лекар и целосно му се посветува на пишувањето. Работи како сценарист во телевизии и радија.

Во 2006 година, заедно со Мартин Карбовски и Ангел Константинов, го основа литературниот клуб „Литература*Диктатура“. Член на клубот е и неговиот брат – писателот Светослав Терзијски.

Во март 2010 година, заедно со група водечки сценаристи, го основа Здружението на бугарските телевизиски сценаристи (СБТС). Тој е и еден од основачите на Асоцијацијата на писателите во Бугарија. Носител е на наградата за книжевност на ЕУ (2011 г.) за зборникот разкази „Има ли кој да ве сака“.



Слични Објави