Бугарија водечка земja во Европа по извоз на црн кавијар
Бугарија е на прво место во Европа по извоз на црн кавијар, кој се реализира по квотен принцип и е под контрола на Министерството за животна средина и води, изјави доц. Виолин Рајков од Институтот за океанологија при Бугарската академија на науките, цитиран од БНР.
Одредени компании добиваат квоти за извоз на производот, а годишната вредност на извозот надминува 25 милиони евра. Како што објави Money.bg минатата година, околу 15 тони бугарски кавијар се извезуваат годишно ширум светот, при што земјата е меѓу водечките светски производители. Во Европа, Бугарија успешно им конкурира на лидерите Франција и Италија и веќе навлезе и на нивните пазари.
Од 1 јануари 2026 година стапува во сила трајна забрана за риболов на сите видови есетри во бугарскиот дел на реката Дунав и Црното Море. Во дивина, есетрите се целосно забранети за улов, потсети специјалистот. Тие се меѓу најзагрозените рибни видови во светот, поради уништување на живеалиштата, прекинување на миграциските коридори, загадување на водите, криволов и нелегална трговија со кавијар.
Во рамки на проект, Институтот за океанологија во Варна ќе ги истражува есетрите, нивната миграција и местата за исфрлање на кавијарот. Видовите се обележуваат со различни „тагови“, а преку сателитско следење се утврдуваат критичните места за размножување.
Постојат шест вида есетри, од кои два се целосно исчезнати. Четири вида се критично загрозени, а дел од нив се дијадромни риби – миграторни видови што се движат меѓу слатководни (Дунав) и соленоводни (Црното Море) живеалишта.
Според податоци од 2025 година, при цена над 1.650 евра за килограм, извозот носи околу 25 милиони евра годишни приходи за секторот. Дополнително, побарувачката на кавијар во Бугарија исто така расте со забрзано темпо.
