| |

Бугарија се враќа на „Евровизија“ во 2026 година со национална селекција на БНТ

По тригодишна пауза, Бугарија повторно ќе има свој претставник на сцената на „Евровизија“. Земјата ќе настапи на 14 мај 2026 година, за време на второто полуфинале на музичкиот натпревар во Виена. Претставникот за јубилејното 70-то издание ќе биде избран преку национална селекција, организирана од Бугарската национална телевизија (БНТ).

Во кастингот учествуваат 15 изведувачи – Керана и Космонавтите, Михаела Маринова, Михаела Филева, Молец, Роксана, Фики, DARA, Dara Ekimova, DIA, Elizabet, Innerglow, MONA, Preyah, VALL и Veniamin. Според БНТ, тоа се меѓу најпрепознатливите и најемитуваните имиња во радио- и телевизискиот етер годинава, со силно присуство на платформите Spotify, Apple Music и YouTube. Публиката може да се запознае со артистите преку официјалната платформа eurovision2026.bg.

Изборот на бугарскиот претставник и песна за „Евровизија 2026“ ќе се одвива во три етапи, сите пренесувани во живо на БНТ 1. Првата етапа е на 24 јануари, кога сите учесници ќе изведат по една песна од својот авторски репертоар. Со комбиниран глас од стручно жири и телевизиската публика ќе бидат избрани седум финалисти. Втората етапа е на 31 јануари, повторно во живо, со активно учество на публиката во гласањето.

Конечниот избор на песната што ќе ја претставува Бугарија во Виена ќе се одржи на 28 февруари. Во специјално издание во живо на БНТ, победникот ќе изведе три песни создадени за него, а заедничкиот вот на жири и гледачи ќе ја одреди натпреварувачката композиција.

Сите три телевизиски изданија започнуваат во 21 часот по бугарско време. Специјални гости на шоуто на 24 јануари ќе бидат Крисиja, Кристиан Костов и Викторија Георгиева – VICTORIA, меѓу најуспешните бугарски учесници на „Евровизија“.

Бугарија учествува на натпреварот од 2005 година и има неколку пласмани во Топ 5, меѓу кои второто место на Кристиан Костов во 2017 година со „Beautiful Mess“, четвртото место на Поли Генова во 2016 година и петтото место на Елица Тодорова и Стојан Јанкулов во 2007 година. Првата бугарска трага на „Евровизија“ датира од 1964 година, кога Германија беше претставена од Нора Нова – уметничкото име на бугарската пејачка Ахинора Куманова.



Слични Објави