Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска ќе биде дел од селекцијата на Софија филм фест во Бугарија
Најновиот филм на режисерката Теона Стругар Митевска, „Мајка“ („Mother“), ќе биде дел од селекцијата на Балканскиот конкурс во рамките на овагодинешното издание на Софија филм фест, јавува Актуално.
„Мајка“ („Mother“) е интригантен расказ за седум дена од животот на жената која себеси ѝ се посвети на служба на другите. Надеж, нерешливи дилеми и драматични пресврти се претставени на уникатно впечатлив начин од актерската екипа, предводена од Нуми Рапас и Силвија Хукс.
Како што споделува режисерката Митевска, која е и авторка на сценариото заедно со Гоце Смилевски и Елма Татараџиќ, создавањето на овој филм претставува остварување на нејзината долгогодишна мечта, родена за време на работата на документарниот проект „Тереза и јас“:
„Ми беа потребни 25 години за да станам жената што сум денес и да ја направам „Мајка Тереза“ – филм што ме претставува онаква каква што сакам да бидам: храбра, дрска и слободна… Мајка Тереза беше строга, сурова, со беспрекорна дисциплина, а во исто време за милиони луѓе мајчински грижлива, надвор од нашето разбирање; не беше совршена, но беше навистина извонредна… „Мајка Тереза“ поттикнува размислување и нуди поинаков поглед кон светоста, женственоста, сестринството и мајчинството!“
Премиерата на филмот, копродукција меѓу Северна Македонија, Шведска, Белгија, Данска и Босна и Херцеговина, се одржа во програмата „Хоризонти“ на Филмскиот фестивал во Венеција, потсетуваат од Актуално.

