| |

Здружението „Балкански мост“ со иницијатива „Направи мартинка, подари радост“

Здружение „Балкански мост“ – Битола и оваа година остана доследно на својата мисија – да ги зачува традициите, да ги негува вредностите и кај најмладите да всади дух на добрина, сплотеност и заемна почит. Како и сите претходни години, така и годинава, по повод 1 Март, се вклучивме во иницијативата „Направи мартинка, подари радост“ – порака што носи симболика на животот, надежта и новиот почеток.

На 28.02.2026 година, во просториите на Здружението во Битола, заедно со нашите најмлади членови организиравме креативна работилница за изработка на мартинки и мали симболични пакетчиња. Со искрена посветеност, со насмевки и ентузијазам, а со поддршка од повозрасните, нашите највредни и најпосветени деца изработија повеќе од 300 мали пакетчиња, посветени на празникот 1 Март, како и голем број рачно изработени мартинки. Сите тие ќе бидат донирани на наши долгогодишни пријатели и соработници, како и на соодветни институции во град Битола и неговата околина.

Главната цел на оваа активност не беше само создавање на симболични подароци, туку зачувување на традицијата и поттикнување на младите генерации да ги продолжат да ги негуваат вредностите што нè обединуваат. Радоста што произлегува од дарувањето е неизмерна, а среќата во очите на децата е најголемата потврда дека вистинските вредности се пренесуваат преку дела.

Не случајно годинава го избравме слоганот „Направи мартинка, подари радост“. Радоста е сила што ги поврзува луѓето. Мирот, соживотот и заемното разбирање во Македонија се темелите врз кои можеме да градиме стабилна и просперитетна иднина. Само преку позитивен дух, заедништво и почит кон животот можеме да напредуваме и да создаваме општество во кое младите ќе растат со сигурност и надеж.

Изразуваме особена благодарност до Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и Неговата екселенција амбасадорот г-дин Желјазко Радуков, како и до Фондацијата „Бугарска памет“ и д-р Милен Врабевски за нивната поддршка и доверба. Нивната поддршка претставува значаен поттик за продолжување на нашите културни и хуманитарни активности.

Здружение „Балкански мост“ – Битола и понатаму ќе продолжи со својата работа, докажувајќи дека преку традицијата, културата и добрината можеме да градиме мостови меѓу генерациите и заедниците.

Зашто иднината им припаѓа на младите – а наша должност е да им ја оставиме исполнета со вредности, мир и светлина.



Слични Објави