|

Драмскиот театар ќе го одбележи Светскиот ден на театарот со крводарителска акција

Под мотото „Дарувај крв – одиграј ја најхуманата улога!“, Драмски театар во соработка со Црвен крст на РСМ – Општинска организација Карпош, организира хуманитарна акција за дарување крв, со цел да се поттикне свеста за значењето на крводарителството и да се помогне во спасување човечки животи.

Со само еден чин на дарување, секој поединец може да придонесе за спасување нечиј живот, да даде надеж и да биде дел од еден синџир на добрина што ја прави заедницата посилна и похумана.

По повод 27 март – Светскиот ден на театарот, а во духот на театарот – како уметност што ја слави човечноста, емпатијата и заедништвото – актерите од Драмскиот театар ги повикуваат сите граѓани да учествуваат во оваа благородна акција и да станат дел од еден чин на хуманост и солидарност кој има вистинска и непроценлива вредност.

Во знак на благодарност, секој крводарител ќе добие подарок – два билета за театарска претстава за која сѐ уште има билети од редовниот репертоар во текот на април, стои во соопштението.

„Ги повикуваме сите хумани граѓани да ја прифатат оваа иницијатива и заедно, во годината кога ја одбележуваме 80-годишнината на Драмски, да покажеме дека театарот не е само сцена туку и простор на вистинска грижа, солидарност и љубов кон човекот – порачуваат од Драмски.

„Дарувај крв – одиграј ја најхуманата улога!“ на 27 март од 11 до 17 часот во фоајето на Драмскиот театар“.



Слични Објави