| |

Нејнски: Дезинформациите ги поткопуваат довербата и демократијата

Дезинформацијата не е само лажна вест, туку „ја поткопува довербата, ги разделува општествата и ја ослабува демократијата“, изјави шефицата на бугарската дипломатија Надежда Нејнски на отворањето на финалето на DisInfoHack 2026 во институтот GATE при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, јавува БТА.

Таа нагласи дека борбата против дезинформациите не се води само со технологии, туку „со критичко мислење, знаење и храброст да се поставуваат прашања“, додавајќи дека младите се „генерација што не прифаќа готови одговори“. „Бугарија и Европа имаат потреба токму од такви млади луѓе“, рече Нејнски.

„Во свет во кој информацијата се движи со брзината на еден клик, вистината понекогаш заостанува“, посочи таа, додавајќи дека безбедноста на една држава зависи и од способноста на општеството да ја препознава вистината.

На крајот од обраќањето, Нејнски истакна дека „среќата не е во материјалните работи, туку во тоа да имаш смисла во животот“.

Во финалето на третото издание на DisInfoHack учествуваат 40 студенти од над 12 универзитети, кои анализираат дезинформациски наративи во области како избори, војни, екологија, миграција, патриотизам и кризи. Иницијативата е дел од проектот „CoDE“, насочен кон развој на информациска отпорност.



Слични Објави