„Систематски моделираме генерации на психопати“: Професорка со остра реакција по случајот со малтретираната шестоодделенка во Ѓорче
Професорката по македонски јазик, Татјана Алексиќ, со јавен статус реагира по случајот со малтретирањето на шестоодделенка во скопско Ѓорче Петров од страна на нејзини врснички, предупредувајќи дека општеството „систематски моделира генерации на психопати“.
Во објавата на социјалните мрежи, Алексиќ порача дека на училиштата им е потребна итна и масовна поддршка од стручни кадри – образовни асистенти, социјални работници, педагози, психолози, психотерапевти, дефектолози и логопеди.
Таа повика и на воведување служби за детекција на метал и оружје при влез во училиштата, систематски прегледи со тестови за никотин и дрога, забрана за користење социјални мрежи до 18 години, како и, како што наведува, „цивилизирани казнено-поправни домови“.
Според професорката, за емоционална писменост и учење за човекови права е доцна кога децата веќе ќе стигнат до повисоките одделенија.
„Во првата декада од животот се случува воспитувањето. Децата во шесто одделение се веќе карактерно и психички оформени“, наведува таа.
Алексиќ предупредува дека децата ќе продолжат да го повторуваат насилството што го гледаат околу себе и ќе ја имитираат агресијата на возрасните.
„Каде виделе гасење цигари од кожа? Каде слушнале или прочитале за такви гадости? Кој ги научи толку да мразат и злоставуваат?“, прашува професорката во објавата.
Во продолжение таа оценува дека кога агресорот вината ја гледа во жртвата, тоа е доказ за длабоко нарушена перцепција за одговорност и емпатија.
„После толку многу трагедии, не ти оди ни добро утро да напишеш, оти не е ‘добро’ утрото кога се будиш помислувајќи на сите тие млади жртви“, наведува Алексиќ.
Нејзината реакција доаѓа по последниот случај на врсничко насилство што ја вознемири јавноста, а во кој шестоодделенка од Ѓорче Петров била малтретирана од свои соученички.

