|

Гаши: Собранието ќе продолжи да поддржува политики за одржлив енергетски развој и инвестиции

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска се обрати на настанот по повод одбележувањето на 20 години од работењето на ЕВН Македонија, на кој беше промовирана и „Белата книга“ за развојот и влијанието на компанијата во енергетскиот сектор.

Во своето обраќање, Гаши истакна дека дведецениското работење на ЕВН Македонија претставува значајна успешна приказна, која се огледа во модернизацијата на услугите, унапредувањето на стандардите и изградбата на поодржлив и поефикасен енергетски систем во земјата.

„Објавувањето на ‘Белата книга’ претставува важен документ што нуди сеопфатна анализа на влијанието и предизвиците во енергетскиот сектор, но и јасен патоказ за идните чекори“ – нагласи Гаши.

Тој потенцираше дека Собранието како највисока законодавна институција, останува посветено на унапредување на современа законска рамка што обезбедува правна сигурност, транспарентност и одржлив развој.

„Преку законодавната и надзорната функција, ќе продолжиме да поддржуваме политики кои поттикнуваат одговорни инвестиции, иновации и транзиција кон чисти извори на енергија, во согласност со европските стандарди“, истакна претседателот на Собранието.

Гаши нагласи дека одржливиот развој и довербата на граѓаните се темелат врз принципите на одговорност, етика и интегритет, посакувајќи понатамошни успеси на компанијата.

Настанот се одржа во Македонската филхармонија, во присуство на претставници на институциите, академската заедница, бизнис секторот и меѓународни партнери, а во рамки на програмата беа презентирани и клучните наоди од „Белата книга“, по што следеше панел-дискусија со експерти од областа.



Слични Објави