| |

КАТИЦА ЈАНЕВА- „ЖРТВЕНО ЈАГНЕ“?!

Бевме сведоци како на телевизија, поранешната Број 1, СЈО ја пееше песната У Зеницу (Шутку) када поѓем ја, прати ме пет-шест дротова. Имаше свечено испраќање, како што им следува уште на минимум илјада ВИП, важни фаци од нашиот политички живот, за да оваа напатена земјичка тргне напред. Никако не смееме да дозволиме Катица Јанева да остане сама во новата средина. Мора да и се пратат сите пријателчиња кои со ист modus operandi доаѓаат до богатства, а на грбот на овој народ исцеден, како корка од лимон.

Ја гледав бурлеската на ТВ и не можев да верувам колку сме станале добри во обманување на народот. На народните маси им даваме да гледаат реално ТВ шоу, нешто слично на Парови во Србија или турските серии. Додека има публика ќе има и шоу. Нели show must go on !

Што се случи со презумпцијата на невиност? Нели Уставот и законите велат „Невин додека не се докаже спротивното“? Деновиве да не имаше случај на јавен преки суд, каде пресудата е донесена уште пред осомничениот да влезе во судот? Дали К.Ј е „жртвеното јагне“ кое за добро договорена сума ќе го преземе целиот товар на ограбувањето на народните пари?

А што да се каже за определениот притвор? Ниту една основа за негово изречување веќе не држи вода. Приказната ни е како швајцарско сирење, дупка до дупка, па повелете бранете ја. Борба со ветерници. Денес притвор, утре куќен притвор и на крај бранење од слобода. Па можеби и вибер судење од плажите на Грција. Нели сме една територија, една област?

Него што се случува со уште едно законско начело-командна одговорност? Дали тоа СЈО ни беше башибозук, без било каков надзор или некој сепак знаел што таму се случува? Знаел и молчел? Епа? Камо одговорост за пасивните гледачи од страна?
А нели материјално СЈО го потковавме со буџет на кој и западните земји му завидуваат, само да не пружаат рачиња за мито? Секој од нив лапаше по 15 просечни плати на работник од текстилната индустрија секој месец. Малку ли им се или апетитите нараснаа, па не стигна? Човечкото око ненаситно никогаш нема да каже доста е, па така и овие наши квази патриоти. Додека влегува добро е! Епа сега ќе има after party!

Хероите кои ги најавуваа како спасители на народот, по рушење на режимот на крајот излегоа крадци, арамии, рекетари кои без било каков осет „цицаа“ сѐ што се може. Па нели научија од нивните истражни предмети каде одат заслужните за криминал? На факултет нас не водеа во КПУ Идризово да видиме какви се условите таму. Меѓутоа изгледа дека К.Ј и колегите бегале и од тие часови. Затоа сега ќе имаат можност инсајдерски да поуживаат во благодатите на нашиот пенитенцијален систем.

Останува да видиме само колку бргу и како ќе се заврши оваа „сапуница“..? Ќе има солзи, оделца на пруги и растурени семејства. Ама дали ќе има правда и напредок на подобро? Немаме друг избор. Ќе чекаме да видиме. Публиката како и секогаш е тука. Исчекува.

Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ- Куманово



Слични Објави