Бугарските власти успешно евакуираа двајца бугарски државјани од Иран
Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека, по интензивни и деноноќни напори на дипломатскиот тим во Техеран, двајца бугарски државјани биле успешно евакуирани од територијата на Исламска Република Иран, пренесува БГНЕС.
Бугарските државјани ја преминале иранско-азербејџанската граница со помош на службеници од Амбасадата на Република Бугарија во Техеран. Благодарение на добрата координација со локалните власти и бугарската дипломатска мисија, тие сега се наоѓаат во Азербејџан, од каде што ќе го продолжат својот пат кон Бугарија.
Министерството изразува длабока благодарност до целиот тим на амбасадата во Техеран за покажаниот професионализам, посветеност и брзи реакции во комплицирана оперативна ситуација. Благодарност беше упатена и до партнерските институции во регионот за нивната поддршка и соработка при реализацијата на евакуацијата.
Бугарското Министерство останува во постојан контакт со евакуираните граѓани и нивните семејства и потврди дека ќе продолжи со сите неопходни мерки за заштита на бугарските државјани во странство.
