БИТ ФЕСТ: „ПАТУВАЊЕТО НА ЕДЕН ОБЛАК” – ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА НА БАБЕЦ ТЕАТАР

/

На Новата сцена во НУ Центар за култура, беше одиграна театарската претставата на Бабец театар, насловена „Патувањето на еден облак”. Автор на текстот е Роберто Фрабети од Италија, уметничкото оформување е на Јулијана Мирчевска, а актерската игра е на Соња Ошавкова и Веда Мавровска. Со оваа претстава која беше проследена од многубројна публика, започнува соработката на Бабец театарот со италијанскиот автор Роберто Фрабети, а претставата станува дел од новиот проект на Бабец театар „Театар од пелени”.

Денес на програмата на Бит фест од 20:00 часот, на истата локација, Нова сцена – НУ Центар за култура, ќе се одигра претставата „Приказна за тркалото”, чиј автор е Ивица Шимич од Хрватска, уметничкото оформување е на Јулијана Мирчевска, а игра актерот Васко Мавровски.

„Успеавме да склучиме договор за соработка со театарот „Мала сцена” од Загреб, Хрватска со кој ги добивме авторските права за реализација на две театарски претстави за деца „Приказна за тркалото” и „Приказна за светлото” се со цел реализација на долго најавуваниот проект „Театар од пелени”. Претставите се наменети за деца од 1,5 години до 8 години, автор на двете претстави е Ивица Шимич кој во моментот живее и предава драматургија на престижниот универзитет во Хјуан, Кина.
„Приказна за тркалото” и „Приказна за светлото” ќе бидат првите и единствени претстави во Македонија за деца помали од 2 години. Со овие две претстави ќе докажеме дека театарот за најмалите не само што е возможен туку е и неопходен. Малите деца не разбираат се во целост, но со сите сетила ја доживуваат убавата слика и зборовите со кои им раскажуваме за светот кој ги опкружува. На овој начин, всадуваме во нив естетски вредности за цел живот, а непосредно и потсвесно им помагаме да го разберат светот околу нив”, велат од „Бабец театар”, кој годинава го одбележува својот осми роденден.

На програмата на Бит Фест, денес од 19 часот, пред Домот на АРМ ќе биде отворена и изложбата на фотографии со наслов „ТРИ ТОЧКИ”.

„Проектот „ТРИ ТОЧКИ” е настан кој заслужува внимание. Станува збор за проект на „Битфест 2018″ осмислен и реализиран од страна на членовите на Фото клубот „Стеван Наумов-Стив” кој работи во составот на Народна техника-Битола.



Најголемиот број од учесниците се млади до 21 година, кои за првпат се сретнале со начинот на изработка на фотографии во Фото школата, која се одржува секоја година, и на која земаат учество околу 25 млади таленти од нашиот град. Но, има и искусни и докажани фотографи – наградувани на престижни изложби и фото натпревари во земјата и странство.

Изложбата на фотографии овозможува, повторно во нашата средина на директен начин креативно да се ангажираат млади, и се надеваме дека ќе биде атрактивна и привлечна со препознатливи вредности и ќе претставува освежување во богатата фотографска традиција на Битола”, велат од фото клубот Стеван Наумов Стив.

Претходна статија

ВАСО РИСТОВ НОВ ДИРЕКТОР НА МОБ

Следна статија

ЃЕРЃ ДЕДАЈ ИМЕНУВАН ЗА НОВ АМБАСАДОР НА КОСОВО ВО МАКЕДОНИЈА

Најново од Истакнато