| |

Цариброд со тридневна програма ќе го одбележи Денот на општината

Општина Цариброд на 21 септември ќе го одбележи својот празник – Рождество на Пресвета Богородица, Мала Богородица, со свечена седница на Општинскиот совет и тридневна програма посветена на традициите, домашната гастрономија, старите занаети и културата, јавува Фар.рс.

Одбележувањето започна на 19 септември со натпреварот во традиционално подготвување ајвар „Тегла против тегла“. Од 10 до 17 часот на улицата „Балканска“ екипи ќе се натпреваруваат во подготовка на еден од традиционалните домашни специјалитети.

На 20 септември програмата продолжува во селото Смиловци, каде од 10 до 15 часот ќе се одржат „Михолските средби на селата“. Настанот е посветен на претставување на животот, обичаите и традициите на селото и на средби меѓу локалното население и гостите.

Централните активности ќе се одржат на 21 септември, на Денот на општината. На улицата „Балканска“, од 10 до 15 часот, ќе се одржи манифестацијата „Улица на старите занаети“, на која ќе бидат претставени традиционални занаети и вештини.

Свечената седница на Општинскиот совет на Цариброд ќе се одржи од 12 до 13:15 часот во Центарот за култура. На седницата ќе бидат врачени општинска награда и признанија.

Програмата ќе заврши со претставување на Меѓународниот младински медиумски фестивал „Арлекин“, што ќе се одржи во Центарот за култура од 17 до 19 часот.

Слични Објави