| |

Темните војници на македонската срамна историја

Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/Нетпрес

Иако поминаа повеќе од три децении од падот на комунизмот, расчистувањето на сметките со стариот систем не е завршено. Македонија продолжува да молчи за минатото, свесно одржувајќи ја почитта за моралот на диктатурата. Темното наследство на комунизмот во Mакедонија е се’ уште живо. Опстојува во неодговореното прашање за досиејата – дали отворањето на досиејата на тајната полиција ќе ги исчисти старите рани или ќе отвори нови? Досиејата на тајната полиција од комунистичката ера остануваат значајнa алаткa за историската вистина, одговорностa и заштитата на македонската демократија. Никако да погледнеме подлабоко и да се соочиме со сложената македонска историја на XX-от век, низ призмата на сопствената свесно наметната амнезија. Едно е да се зборува за огромни историски настани без никаква врска со вистински луѓе – сосема е друго кога ќе видите како овие историски настани се поврзани со реални луѓе и нивнитe судбини.

Гледам дека кај нас се премолчи изјавата на Петер Маѓар, победник на парламентарните избори во Унгарија, дека новата влада ќе ги отвори историските архиви на својата тајна полиција од комунистичката ера. А, ние? До кога ќе бегаме од соочување со срамниот дел од македонската историја и ќе ги криеме агентите на репресијата? Македонското општество е контаминирано од стравот дека отворањето на досиејата на тајната полиција ќе значи признавање на комунистичкиот режим за онаков каков што навистина беше – криминален режим. Македонија намерно го избегна искушението да се прочисти од комунистичкиот шљам. Затоа лустрацијата беше лишена од својата улога во справувањето со минатото и, наместо тоа, лицемерно се создаде впечаток дека се работи за политичка „игра со досиеја“ што им служи на целите на власта која ја поддржа. Велеа дека целосната лустрација во земја како нашата е политички реваншизам, лов на вештерки, поради што е всушност невозможна. Стравот дека лустрацијата ќе ги наруши веќе воспоставените процеси на конструирање и контрола на вистините за минатото, ја згасна – замре и замина во заборав. Кодошите беа заборавени, нивните политички кариери не беа загрозени. Само жртвите останаа на маргините на македонската срамна историја, заборавени и отфрлени. Одбивајќи да се соочиме со срамното комунистичко минато на оваа држава дозволивме Македонија да остане незаинтересирана да го поправи својот имиџ пред планираниот влез во ЕУ, се’ уште чувајќи го најголемиот дел од минатото во тајност. Кога го закопавме минатото во заборав, дозволивме секакви паразити, крлежи и гадинки да исползат од подземјето на таквата историја, заземајќи моќни позиции во владата и бизнисот. Успешни бизнисмени, политичари, познати дипломати, јавни личности – трули лешеви на минатото го контаминираа македонското општество сиве години. Зарем треба да дозволиме Бугарија да не потсеќа дека треба целосно да ги отвориме архивите на тајната полиција.? Ајде нека не биде Бугарија – тука е препораката на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (ЕП) од 2021 година, кој во извештајот за борбата против организираниот криминал на Западен Балкан, ги повикува земјите од регионот што поскоро да ги отворат досиејата на југословенските тајни служби за да се искоренат политиката и административните врски со организираниот криминал. Европа бара, ние повторно молчиме.

Доста ми е од патетичната одбрана од можноста да ѕирнеме во забранетата срамна историја на Македонија која се мантра со години, дека досиејата на тајните служби од времето на комунизмот, односно тоа што останало од нив, веќе се отворени и семејствата на прогонуваните може да ги разгледаат во Државниот архив; дека голем дел од архивата е уништена, дел е во Белград, дел е разграбан и завршил во приватни фиоки, а илјадници досиеја се однесени во Државниот архив. Ништо не е така како што сакаат да биде претставено. Вистината е дека кодошите и останатиот човечки шљам од комунизмот остана задскриен зад црниот фломастер во отворените полициски досиеја до кој се нема пристап, а лустрираните ги закопавме и заклучивме длабоко во депоата на Државниот архив, без можност некој да ја види вистинската човечката беда на македонскиот повоен режим. Со какво тоа лицемерие живееме сиве овие години во Македонија?

Духовно здраво општество треба да ги знае своите валкани тајни. Луѓето кои некогаш кодошеле колеги, пријатели и членови на семејството, треба да бидат познати – како и идентитетот на нивните чувари и благајници. Се’ додека Македонија е киднапирана држава од нереформираните и никогаш демонтираните стари тајни служби, овој човечки шљам може да се чувствува комотно во политичкиот и економскиот живот на оваа држава. Затоа се купува молкот и се сатанизира секој оној кој ќе го отвори прашањето за отворање на досиејата на тајната полиција од комунизмот, или за рехабилитација на нивните жртви, обидувајќи се да ја држи закопана вистината за македонската срамна историја. Во спротивно, ќе откриеме дека комунистичкиот режим ги третирал сопствените граѓани како „човечко ѓубре“, со тоа што целиот нивен живот го сведувале на база на податоци за надзор и социјален инженеринг. Премногу лесно дозволивме да се фрлаат страници од вистинската историја во корпата за отпадоци. Ваквото намерно и свесно губење на историската меморија на овој народ не може да ја обликува неговата иднина. Зашто агентите на репресијата и кодошите од комунизмот не исчезнаа – само ја променија својата облека. Дали само јас се уште го чувствува студениот здив на комунистичката тајна полициска држава во Македонија?



Слични Објави