|

(Видео) Димитријевиќ: Мицкоски брза на избори од страв од истрагите што доаѓаат по падот на Орбан

Мицкоски брза на избори од страв од истрагите што доаѓаат по падот на Орбан, тврди Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.

„Се потврдува она што СДСМ веќе подолг период го зборува, на Мицкоски му се брза за предвремени избори. Со падот на неговиот пријател Виктор Орбан, почнува распадот на криминалната мрежа што со години ја градеа во регионот. Во Унгарија веќе се најавуваат истраги кои ќе стигнат до Мицкоски и неговиот „голем брат“ Вучиќ. Сите братски бизнис шеми наскоро ќе бидат под лупа. Орбановата медиумска мрежа, сомнителните зделки, тендери, телекомуникациските и енергетските бизниси поврзани со Орбан, целиот криминален октопод ќе се истражува“, вели тој.

По две години власт, додаде Димитријевиќ, Мицкоски нема ниту едно исполнето ветување, ниту еден резултат.

„Ветуваше враќање на името, поништување на Преспанскиот договор, покачување на плати и пензии, економски развој. Реалноста граѓаните ја гледаат со празните фрижидери и празните џебови. Нема повисоки плати. Нема 600 евра минимална плата. Нема мерки за заштита на животниот стандард. Инвестициите се намалени за 60%, македонски работници се отпуштаат од работа, за 4.000 е намален бројот на вработени во индустријата. Снемува пари во Буџетот, Мицкоски создаде нов долг од 2,3 милијадри евра врз грбот на народот кој води кон финансиска неизвесност. Неговите дилетантски политики целосно потфрлија“, речегенералниот секретар на СДСМ.

Според него, владејачката коалиција се распаѓа, а пратеници го напуштаат мнозинството разочарани.

„И кога нема резултати, кога нема пари и кога нема решение – нападни ја опозицијата и создавај тензии, тоа е рецептот на Мицкоски. Затоа повторно ја почна старата кампања „предавници“ и создавање вештачки конфликт со Бугарија. Други да му бидат виновни за неговиот неуспех. Но, граѓаните веќе ги прочитаа сите лаги на Мицкоски. Го прочитаа човекот што клечеше и молеше за власт, ветувајќи укинување на Преспанскиот договор и враќање на името. Го прочитаа човекот што ветуваше економски бум, а донесе само долгови, сиромаштија и изолација“, рече Димитријевиќ.

 



Слични Објави