|

ЕУ воведува дигитални возачки и заеднички забрани: Ако ви ја одземат дозволата во една земја, нема да возите никаде во Унијата

Европскиот парламент изгласа голем пакет реформи за возачките дозволи што ќе важат низ целата Европска унија. Новите правила носат дигитални возачки дозволи, построги мерки за прекршителите и намалување на старосната граница за професионални возачи.

Една од најзначајните промени е тоа што забраната за управување возило изречена во една членка ќе важи на територијата на цела ЕУ. Со тоа се спречува досегашната практика возачи на кои им е одземена дозволата во една држава да продолжат да возат во друга, пишува „Индекс“.

Сепак, паричните казни што не вклучуваат забрана за возење и натаму ќе останат во надлежност на државата каде што е направен прекршокот, а ЕУ се откажала и од идејата за единствен европски систем на казнени поени.

Реформата доаѓа поради загрижувачките податоци дека околу 20.000 луѓе годишно ги губат животите на патиштата во Европската унија. Италијанскиот европратеник Матео Ричи изјавил дека тоа е „далеку премногу“ и повикал на усогласени безбедносни стандарди.

Голема новина е и воведувањето дигитална возачка дозвола што ќе биде достапна на мобилен телефон, слично како дигиталните банкарски картички или лични документи. Европратеничката Џута Паулус оценила дека ова особено ќе им користи на помладите генерации. И покрај дигиталната верзија, граѓаните и понатаму ќе можат да побараат класична пластична дозвола.

Со новите правила се олеснуваат и условите за возачите на кампери. Лицата со Б-категорија ќе можат да управуваат возила до 4,25 тони, но ќе мора да поминат дополнителна обука или специјален испит.

ЕУ истовремено ја намалува и старосната граница за професионални возачи поради недостиг на работна сила во транспортниот сектор. Возачи на камиони ќе можат да станат лица од 18 години, наместо досегашните 21, додека границата за автобуски возачи се намалува од 24 на 21 година.

За новите возачи ќе има задолжителен пробен период од најмалку две години. Дополнително, 17-годишници ќе можат да возат со придружба во сите земји членки, а пред полагањето ќе биде задолжителен лекарски преглед или пополнување формулар за самопроценка на здравствената состојба.

Предлогот за задолжителни редовни лекарски прегледи за постарите возачи не поминал, по противење на неколку држави, меѓу кои и Германија.

Според новите правила, возачките дозволи ќе важат 15 години, а по истекот земјите членки ќе можат, но нема да мораат, да бараат нов лекарски преглед.

Државите членки имаат рок од три години да ги усогласат своите закони со новите правила, по што ќе следува дополнителен преоден период. Се очекува дел од промените да почнат да се применуваат од 2028 година, додека дигиталните возачки дозволи целосно да заживеат до 2030 година.



Слични Објави