Шефицата на бугарската дипломатија Велислава Петрова ги поздрави првите дипломати на ЕУ по повод 9 Мај-Денот на Европа
Денот на Европа е симбол на мирот, единството и заедничките европски вредности, наведува министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова во својата честитка упатена до министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија по повод 9 Мај – Денот на Европа. Ова го соопшти Министерството за надворешни работи на својата веб-страница, пренесува БТА.
Ова е ден кога треба да им оддадеме почит на солидарноста и соработката на нашиот континент во име на благосостојбата на нашите држави и граѓани, посочува министерката Петрова.
Таа акцентира и на значењето на партнерството и заедничките напори за справување со современите предизвици пред Европа. Петрова истакнува и дека Бугарија останува одговорен и предвидлив партнер во европското семејство и е цврсто посветена на напредокот на заедничките европски приоритети, вклучително и заштитата на демократските вредности, зајакнувањето на безбедноста, поттикнувањето на одржливиот развој и просперитетот на сите европски граѓани.
Во заклучокот, министерката за надворешни работи изразува подготвеност за активна и плодна соработка со партнерите од ЕУ за „посилна, поотпорна и ориентирана кон иднината Европска Унија“.
