„Американка во Софија“

//

Пишува: Владимир Перев

Мојата генерација културолошки се формираше некаде во средината на педесетите години од минатиот век. Училиштето и наставниците беа основниот столб на нашето образование, семејството следеше потоа, за конечно радиото да биде нашиот поглед кон светот. Некаде во времето на кризата околу Трст, ние децата бевме вадени од училиште и водени на демонстрации, за да викаме дека “Трст е наш“ и да се дереме колку што грло не носи – “Пела џукела“, упатено на италијанскиот премиер Џузепе Пела, чија влада набргу падна. Но навечер, точно во 20 часот цел Прилеп, а Бога ми и Југославија, слушаа на радио “Глас на Америка“. Ситуацијата беше изострена, нашите стари чекаа само да почне војната за “да се пресметаат со кокошкарите“, како што ги нарекуваа партизанските функционери, а на радио “Глас на Америка“ секоја вечер ги слушавме коментарите на хрватскиот емигрант, далматинецот Грга Златопер, кои обично завршуваа со изреката “Тито бандито“, нешто како одговор на она нашето “Пела Џукела“. Потоа настануваше тишина, за да дојде најубавиот час на вечерта. Почнуваше музика, џез, толку посакуван, а толку редок кај нас, а во Прилеп и го немаше воопшто. Се слушаше Армстронг, Махалија Џексон, а најмногу и најпопуларен беше Џорџ Гершвин и неговиот “Американец во Париз“, преубавата, топла музика преточена во истоимениот филм со Џин Кели и Лесли Карон. Дури и татко ми со задоволство слушаше, потсетувајќи се на минатото и патувањата низ Европа, во периодот меѓу двете светски војни.

Бугарите ја немаа таа привилегија. Американската станица беше заглушувана од советско-бугарската техника, па џезот кај нив, не само што беше забранет, туку и ретко можеше да се слуша.

Заедничкото на Југославија и Бугарија во тој период им беше антиамериканската политика, која до денешен ден останува како столб на пропаднатата комунистичко-болшевичка идеологија, како во денешна Бугарија, така и во остатоците од југословенските пространства. Ако тогаш во Бугарија таа се водеше отворено, јасно и со директни обвинувања за “трулиот капитализам и експанзионистичкиот американски империјализам“, на пространствата на Југославија, тој антиамериканизам се водеше тихо, потмуло и подло, со лесни намекнувања на достигањата на СССР и другите “братски народи“. Истовремено, за време на споменатата криза околу Трст, во Белград некои девојки беа стрижени јавно, на улица, само затоа што биле во американскиот или британскиот културен центар и земале билтен во кој се објавувале позициите на западниот свет по однос на Трст и Југославија. Сето тоа пред очите на милицијата, која се правела дека не гледа. Истовремено во биоскопите кај нас се прикажуваше филмот “Пастир Костја“ за “срекниот“ живот на селаните во советските колхози, снимен во времето кога неколку милиони украинци умираа од глад, а делови од нацијата, буквално, преминуваа на човекојадство, јадејќи делови од телата на мртвите блиски.

Во македонското општество, антиамериканизмот беше сервиран од просоветските/проруските српски комунисти, со благословот на Тито, кој иначе се правеше на прозападен лидер, а владееше со источни, сатрапски методи. Во Бугарија, таа ролја ја имаа проруските елементи, бугарските комунисти и отворените сталинисти кои тоа останаа и речи си седумдесет години од Сталиновата смрт.

Гершвин и неговиот “Американец во Париз“ беа светлините на демократијата на мојата генерација, жедна за промени и надминување на српската и советизирана окупација на Македонија. Антиамериканската пропаганда само ја потенцираше потребата за промена на системот, по западен терк.

Еден дел од македонскиот народ живееше во слобода, во Америка. Тоа беа емигрантите на македоно-бугарската емиграција, организирани во Македонската патриотическа организација (МПО), учесници во Втората светска војна на страната на Америка и со дадени бројни жртви по боиштата во Европа, Азија (на Корејџидор), на Пацификот на Иво Џима и на други места. МПО беше дел од американскиот естаблишмент, а гласовите за слобода ги добивавме, како преку “Гласот на Америка“, така и преку илегално пренесуваната “Македонска трибуна“, органот на МПО. Е, за читањето на “Трибуната…“ се одеше во затвор, но така разбиравме дека постои некој друг, слободен и демократски свет, каде нашите блиски уживаат во привилегиите на слободата и слободното изјаснување. Така разбравме дека Америка е пријател на македонските Бугари, дека е пријател на сите Бугари и дека воедно е пријател и на Бугарија, без оглед на моменталната политичка ситуација на тогавашната блоковска поделеност.

МПО секоја година одржуваше конвенција за време на американскиот ден на трудот, во првиот викенд во септември, со продолжение во понеделникот. Секоја година на различно место, секоја година присуствуваат сенатори, конгресмени и личности од јавниот и политичкиот живот на Америка и Канада, секогаш беше присутен задолжително и градоначалникот на градот каде се одржува конвенцијата, а неретко и гувернерот на соодветната американска држава. Тоа така трае од 1922 година, до деншен ден. Тие конвенции се потврда на пријателството на американскиот народ со бугарскиот народ, вклучително и македонските бугари од сите делови на Македонија, но тие конвенции се потврда и на нераскинливото пријателство на државите САД и Бугарија, безразлично низ какви политички моменти поминуваат во своите односи.



Фотокопиите од документи и писма јасно говорат за врските на бугарскиот народ со американската држава. Дури еден Иван Михајлов, во името на МПО и на целиот слободарски бугарски народ ја изразува својата благодарност до американските институции, за слободата во која живеат Бугарите во Америка и за нивната верност кон демократските идеали.

Така е до денешен ден. Но исто така останува и подлата, потмукла пропаганда на просрпските кругови и медии во Македонија, како и пропагандата на бугарските русофилски кругови, пропаганда насочена не само кон дезавуирањето на американската демократска политика, туку и за нарушувањето на односите меѓу двете држави и двата народа.

Сѐ почесто во Македонија се слушаат гласови дека “американската политика е на наша страна, врши влијание во Софија, Бугарите не сакаат да слушаат и да го повлечат ветото, па затоа Бугарија тоне во политичка и економска криза…сето тоа е дело на американската политика, во одбрана на Македонија и нејзиниот идентитет а со цел за повлекување на ветото од бугарска страна“. Тоа најдобро, концизно и точно го објаснува главниот редактор на БГНЕС, Георги Пашкулев во својата статија од 2.09. 2021 година, презентирајќи ја темната страна на “длабоката држава“ инфилтрирана како српско/руско влијание на македонската политичка сцена. Тоа не е така тешко да се разбере, знаејќи за бројноста на српските “советници“ во владата на Зоран Заев, наполно србизираната и криминализирана македонска дипломатија, сето како резултат на подривната српско-руска политика кон Македонија и пошироко. Актуелните состојби во Црна Гора се само далечно ехо на она што се случува, или ќе и се случи на Македонија во догледна иднина.

Некој сака да не убеди дека “американката во Скопје“ Кејт Мери Б’рнз, “американката во Софија“ Херо Мустафа и Стејт Департментот, на трилатерална врска договараат распад на Бугарија во полза на македонскиот национален идентитет, кој, мегу другото речено, никој не го оспорува. Тоа може да помине само кај оние кои сакаат Македонија да биде дел од српската држава, истовремено враќајки ја Бугарија во руската орбита, од каде таа, искрено речено, се уште се бори да излезе…слично како и кај нас.

Југославија го реши својот проблем со Италија и дел от територијата околу Трст премина во рацете на “Тито-бандито“. Ние престанавме да се дереме по улиците против “жабарите“, а “Гласот на Америка“ продолжи со своите информации за животот и слободите во Новиот свет. Така беше се до 1990 година. Оттогаш наваму, тоа е друга приказна и други вредности во нивната програма.

Се уште го слушам Гершвин и неговиот “Американец…“. За мене, сеуште е симбол на слободата на Новиот свет. Се надевам дека и “американката во Софија“ Херо Мустафа ја слуша Гершвиновата музика. Ако е така, ако нешто од тоа чувство го има и таа, тогаш сите пропаганди на “длабоката држава“ за американскиот “заговор“ во распадот на Бугарија се изгубени соништа на српските и руските размисли за надвладување на демократиите во Македонија и Бугарија.

Претходна статија

Пописот како достоинство, храброст и лојалност

Следна статија

Фондација „Македонија“ бара одземање на бугарските државјанства на македонските граѓани кои нема да се попишат како Бугари на пописот

Најново од Истакнато