Џиро д’Италија го завршува гостувањето во Бугарија со финале на третата етапа во Софија
Џиро д’Италија го завршува гостувањето во Бугарија со финале на третата етапа во Софија, каде колоната ќе пристигне по 174-километарска делница од Пловдив, јавува БГНЕС.
Стартот на етапата е закажан за 13:00 часот, а финишот пред храмот-споменик „Свети Александар Невски“ се очекува околу 17:00 часот. Во главниот град се подготвени низа придружни настани за љубителите на велосипедизмот, меѓу кои масовна велосипедска парада, историска реконструкција со римски легионери и оперска претстава на отворено во близина на Панчарево.
Во таа врска веќе е воведена привремена организација на сообраќајот и ќе бидат затворени клучни булевари и плоштади. Петар Хераков, кој е координатор на Трката околу Италија за Софија, откри повеќе за последната етапа.
„Од утре на полноќ повторно се затвора Цариградско шосе, бидејќи треба да се постават арките низ кои ќе поминат велосипедистите. Тоа ќе трае 4 часа, по што поетапно ќе почне затворањето на центарот на Софија. Прво околу старата зграда на Парламентот, за да се исчисти плоштадот од паркираните автомобили. Потоа по сите улици по кои ќе поминат велосипедистите и кои мора да бидат ослободени поради барањата на организаторите“, сподели тој.
„Публиката ќе биде распоредена на коловозната лента на Цариградско шосе која е од центарот кон Пловдив. Таа ќе биде целосно отворена за публика, а и другата страна исто така, но таму ќе има ленти за да не им се пречи на велосипедистите. Уште од 13:00 часот, кога ќе поминат автобусите со опрема, бидејќи организиравме автобуси со техника и шатори со вода, ќе биде отворено за луѓе кои дури можат и да цртаат по асфалтот, како што сме виделе. Нема никаков проблем“, додаде Хераков.
Лидер во генералниот пласман пред последниот ден на бугарска територија е Уругваецот Гиљермо Томас Силва, кој ја освои втората етапа со финиш во Велико Трново и ќе стартува со розовата маичка.
Претходната етапа, сепак, беше обележана со сериозен инцидент на околу 23 километри пред финишот. Поради влажниот коловоз и големата брзина во еден од свиоците, група натпреварувачи тешко паднаа, а дел од нив излетаа надвор од патеката.
Меѓу повредените се Реми Каванија и Адам Јејтс, при што Британецот се здобил со повреди во пределот на лицето. Најтешко настрада Џеј Вајн, кој беше принуден да го прекине учеството во трката. Вкупно седум лица поминале медицински прегледи во болница по несреќата.
И покрај инцидентот, организаторите очекуваат празнична атмосфера за финалето на третата етапа во центарот на Софија.
