| |

55 милијарди евра за бугарската економија од новите нуклеарни блокови во нуклеарната централа АЕЦ „Козлодуј“

Изградбата на VII и VIII блок на АЕЦ „Козлодуј“ ќе донесе 9,12 милијарди евра во бугарската економија во текот на изградбата, што претставува околу 1% од БДП на Бугарија, соопшти компанијата „АЕЦ Козлодуј – Нови моќности“ заедно со конзорциумот меѓу „Вестингхаус“ и „Хјундаи инженеринг“, пренесува 24 часа.

Според извршниот директор Пејо Иванов, секое инвестирано евро ќе генерира 2,7 евра економски ефект, а новите реактори би можеле да додадат 55 милијарди евра кон бугарската економија во текот на 60 години работа.

Конечната цена на проектот и цената на произведената електрична енергија сè уште не се објавени. Енергетскиот експерт Антон Иванов претходно изјави дека првичната проценка од околу 12 милијарди евра сега достигнува приближно 20 милијарди евра.

Следната фаза предвидува одобрување од Европската комисија и финализирање на финансискиот модел. Процесот на усогласување со Брисел и дополнителниот инженеринг се очекува да траат околу 14 месеци, паралелно со обезбедувањето финансирање од банки во Јужна Кореја, САД и Канада.

Конечната инвестициска одлука се очекува до крајот на 2027 година, по што би бил потпишан договорот за изградба „клуч на рака“. Од „Вестингхаус“ нагласија дека нема доцнење во проектот и дека реакторите AP1000 располагаат со пасивни и активни системи за безбедност, во согласност со европските и меѓународните стандарди.

Според Џоел Ијкер од „Вестингхаус“, новите моќности се очекува да започнат со работа во 2037 година, а нивниот работен век може да се продолжи од 60 на 80, па дури и на 100 години. „Хјундаи инженеринг“ најави дека 30% од работата ќе им биде доверена на бугарски изведувачи, додека компаниите ќе продолжат со обука и подготовка на локален кадар за проектот.

Слични Објави