|

Целосно свесен за сложеноста на реалниот живот, Мицкоски се пофали дека сме меѓу првите пет земји во Европа по раст на БДП

Осврнувајќи се на најновите резултати објавени од Државниот завод за статистика, кои се однесуваат на растот на Бруто-домашниот производ, премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција истакна дека бројките покажуваат дека растот на БДП повторно е меѓу првите пет во Европа, како процент од бруто домашниот производ, што, според него, претставува исклучителен резултат.

„Сакам да нагласам дека сум целосно свесен за сложеноста на работите од реалниот живот и тешките околности со кои се соочуваат граѓаните, но со кои и ние како влада се соочуваме. Ги разбирам проблемите, скапиот живот и секојдневните притисоци.

Вредноста на растот на БДП според Еуростат, значи ова не вели Владата, не Христијан, не партиите туку Еуростат. Според Еуростат дадени се државите според остварениот раст на БДП, бројка како процент од БДП и ќе забалежите дека ние сме на 5тото место споредено со државите за кои што растот од страна на Еуростат е објавен, но веднаш позади Малта, Полска, Србија се наоѓаме ние практично“.

Ако се анализираат табелите коишто ги објавува Еуростат, додаде премиерот, ќе се дојде до заклучок дека седмиот квартал по ред се остварува рaст на БДП којшто се наоѓа во првата половина на Европа, а потоа и во првите пет земји во Европа според Еуростат.

Осврнувајќи се на резултатите од индустриското производство Мицкоски посочи дека
тоа ќе биде лоша вест за оние коишто не сакаат, како што рече, оваа држава да успее.

„Но ќе морам да ги разочарам , а е добра вест за огромно мнозинство македонски граѓани кога ќе прочитаат дека во Април месец оваа година индустриското производтсво порасна за цели 7,6% споредено со Април месец минатата година. И со тоа во првите четири месеци од годината, во првата третина од 2026та година како ретко која држава во Европа имаме индустриско производство коешто ни е во позитива, мала, 0,2 %, но не е во негатива“.

Мицкоски задоволен и од резултатите околу бројот на нови креирани работни места, односно на нововработени.

„Бројката на вработени е зголемена во првите 21 месец од работењето на оваа Влада; зашто велиме во првите 21 месец ?
Затоа што стапката на вработени на крајот од Март 26та година е 707. 385, додека пак кога беше избрана Владата во Јуни 2024 а тоа е крајот на вториот квартал, бројот на вработени беше 691.736 или отприлика цели 17.000 односно ако добро пресметаме 16 илјади нови креирани нови работни места“.

Македонија, оцени премиерот, забрзува и се движи напред.

„И покрај сложеното опкружување, државата бележи раст. Да не заборавиме дека ова е Влада која останува посветена и на борбата против корупцијата и дека разликата се чувствува во фактот што правдата и правилата мора да важат за секого“.

Мицкоски очекува во периодот што следи, темпото и резултатите од работата да бидат уште посилни.

 



Слични Објави