Унгарскиот антикорупциски орган повика на истрага против функционери од владата на Орбан поради злоупотреба со европски средства
Унгарскиот Орган за интегритет побара истрага против високи функционери од поранешната влада на Виктор Орбан поради сомнежи за злоупотреба на милијарди евра од фондовите на ЕУ, јавува БГНЕС. Претседателот на институцијата, Ференц Пал Биро, изјави дека постојат случаи во кои „високопоставени политичари можат и веројатно ќе бидат повикани на одговорност“, но не упати директни обвинувања кон Орбан.
Според Биро, три компании добиле најголем дел од државните тендери во последните четири години, при што околу 3,5 милијарди евра од вкупно 10 милијарди евра потрошени средства се поврзани со ризик од корупција поради наводно манипулирани постапки и вештачки зголемени цени.
Новиот унгарски премиер Петер Маѓар, кој ја презеде функцијата во мај, се обидува да го убеди Брисел да одблокира повеќе од 10 милијарди евра замрзнати европски средства. Тој најави приклучување на Унгарија кон Европското јавно обвинителство и формирање Национална служба за враќање на имот со цел истрага на злоупотребите со државни средства.
„Правдата мора да победи и луѓето треба да го вратат она што им било украдено“, изјави Биро.
Од Европската комисија порачаа дека имаат „нулта толеранција кон измамите против буџетот на ЕУ“ и нагласија дека сите неправилно искористени европски средства мора да бидат вратени.

