| |

Бугарија и Турција ќе ја продлабочуваат соработката во енергетиката и безбедноста

Бугарија и Турција ќе ја зајакнат соработката во енергетиката, безбедноста на границите, транспортната поврзаност и економските односи, истакнаа министрите за надворешни работи на двете земји Велислава Петрова и Хакан Фидан по средбата во Софија, јавува БГНЕС.

Петрова нагласи дека енергетиката останува клучна област во билатералните односи, при што се разговарало за пристапот до природен гас, меѓусистемската поврзаност и диверзификацијата на енергетските ресурси. Таа истакна дека двете земји ќе продолжат да соработуваат и во управувањето со миграцијата, борбата против тероризмот и прекуграничниот криминал.

Фидан ја оцени Бугарија како стратешки партнер на Турција и изјави дека зајакнувањето на соработката носи придобивки за целиот регион. Тој најави планови за нов граничен премин и зголемување на транспортниот капацитет меѓу двете држави.

Во фокусот на разговорите беше и договорот со „Боташ“. Петрова изјави дека енергетската соработка треба да се разгледува пошироко од самиот договор, додека Фидан посочи дека Анкара и Софија работат на брзо решавање на ова прашање.

Двајцата министри разговарале и за безбедноста во Црното Море и војната во Украина. Фидан нагласи дека „мирот меѓу Русија и Украина е од суштинско значење за стабилноста на регионот“ и изрази надеж за брзо постигнување траен и праведен мир.

Турскиот министер ѝ се заблагодари на Бугарија за поддршката на европскиот пат на Турција, истакнувајќи дека европската безбедносна архитектура без Турција би била нецелосна.

Слични Објави