| |

Над 2.000 училишта во Бугарија добија нови STEM центри

Повеќе од 2.000 училишта и центри за специјална образовна поддршка во Бугарија веќе имаат целосно нови STEM центри, соопшти министерот за образование и наука проф. д-р Георги В’лчев при отворањето на нов STEAM простор во Професионалната гимназија „Велизар Пеев“ во бугарскиот град Своге, јавува БТА.

Бугарија е во завршна фаза на големата STEM трансформација во образованието, финансирана преку Националниот план за закрепнување и отпорност. Во последните недели беа отворени и трите регионални центри при универзитетите за обука на ученици и наставници.

Новиот центар во Своге, вреден речиси 140.000 евра, опфаќа роботика и кибер-физички системи, дизајн и 3Д прототипирање, природни науки, математика и информатика. Учениците ќе имаат пристап до 3Д печатачи и скенери, дигитални системи за печатење, професионална камера, метеоролошка станица и современи образовни платформи. Во рамки на проектот се изградени и шест високотехнолошки училници.

„STEM кабинетите ќе ви помогнат да експериментирате и да се откривате себеси – своите интереси и патот по кој сакате да се развивате“, им порача В’лчев на учениците, нагласувајќи дека успехот бара труд, упорност и посветеност.

Според проф. д-р Најден Шиваров, повеќе од 250 милиони евра се инвестирани во образовниот систем, а Бугарија веќе се посочува како пример во Европа за обезбедување еднаков пристап до STEM образование за сите ученици.

Слични Објави