ПОПУЛИСТИЧКИ РЕФОРМИ ЗА ГЛАС ПОВЕЌЕ
Повторно влегуваат во игра популистичките идеи и се збираат гласови на непродуктивен начин. Повторно се заштитуваат големите, а се подлажуваат малите. Како и секогаш така и сега, можеме да намирисаме избори, нели овие идеи со цифри и таканаречената грижа према ранливиот народ, на површина испливуваат како припрема за изборната трка.
Последната идеја на власта во заминување е тотално иста и непродуктивна како и останатите, но да не се разбереме погрешно силно ги поздравувам идеите за подигнување на најранливите во системот, НО, тоа да биде на дело, а не на зборови. Кога велам на дело , а не на зборови, мислам само на едно нешто, а тоа е реалноста. Реалноста е дека системот не функционира и ваквите партии како СДСМ и ДПМНЕ не сакаат да функционира.
Ајде да се потсетиме на неодамнешната популистичка идеја, К15, или поточно кажано 13-та плата. Дали функционира? Не само што не верувам, туку и тврдам дека не функционира. 70 % од компаниите не го ни исплаќаат, а големиот дел го поминуваат преку банка и потоа им го одбиваат, или во најголем случај си го бараат назад. Дали ова е нешто ново? Никако, тоа е суровата реалност и нема бегање од тоа. Но прашањето е дали некој сака тоа да се промени? Во никој случај, бидејќи од таквите затајувачи на данок наједноставно ги наплаќаат парите и ги финансираат изборните кампањи.
Како и во претходниот случај, така и во другиот со минимална плата разлика нема. Впрочем се даваат плати преку банка, а останатиот дел оди на рака и нормално луѓето се среќни, ако успеат да го добијат и тоа на рака што го земаат. Најголемиот дел се осигурани на минимална плата, а останатиот дел се дава на рака и тоа во најголемиот дел од приватните фирми во Македонија (за работници на црно да не разговараме). Но дали тоа е нешто ново? Никако, тоа е реалност во која што живееме и целиот народ се има помирено, бидејќи тие што треба да ги заштитуваат се заситуваат лесно. Како на пример ИНСПЕКТОРИТЕ кои јадат без да платат, се облекуваат со потпис и рекетираат од хоби. Но дали и ова е нешто ново? Не е никако, туку напротив морално и успешно мото.
И конечно да стигнеме до новата популистичка идеја на Заев, со која мислам дека само ќе ги легализира претходниве зделки, нели давањето на рака ќе се официјализира и повторно ранливиот народ ќе си остане на истата позиција. Премиерот најави „400 милиони денари за помагање на претпријатијата за зголемување на платите во висина од 100 евра“ и ред други негови изјави за бруто плати кои ќе стануваат нето. Зголемување на просечната плата, зголемување на минималната итн… Прво и основно, обезбедете им го заработеното, па потоа подигнувајте, чинам вака градите куќа без темели, а таквите мерки се секогаш контра продуктивни.
И за крај премиере иако НЕ ВЕРУВАМ ВО ВАС и вашите способности, од срце ви порачувам, но не поради вас, туку поради напатените граѓани. Ако сакате да им помогнете на граѓаните, прво дадете им го правото како на работник, заштитете го работникот и обезбедете услови за истиот. Како може човек да работи за 12. 000 денари, а притоа да работи секој ден од понеделник до недела, а во најголем случај со еден ден одмор? Се борите за Европа и сакате европски пристап? 12.000 денари се 4 минимални дневници во европските држави. Барем прашајте какви се правата на работниците. Што е најтрагично тоа е случај во вашите нови странски инвестиции кои требаше да го подобрат животот. Најголемата помош што може да му ја дадете на ранливиот народ е : Да му обезбедите права на работникот и притоа да ги контролирате големите. Имате инспектори во секој град најмалку по 100, па запрашајте се што работат тие луѓе? Како го спроведуваат законот и на чија страна се? Запрашајте се каде рекетираат? Каде се облекуваат фамилијарно? Каде имаат гозби бесплатни? Само така ќе му помогнете на овој напатен народ. И да… Не мора минималната дневница кај нас да биде 3000 денари. Ние ќе се задоволиме и со 1500 денари!
П.С. Не очекувајте народот да биде инспектор и да ви пријавува константно злодела, туку засукајте ги ракавите и помогнете му на тие што ве гласаат и кој ве ставиле на таа позиција, за да глумите недостижни императори. Мој ДДВ и слични фикс идеи ќе се непотребни, ако вие си ја бркате работата, но дали тоа вам ви одговара и зошто не ви одговара, не си знаете замо ВИЕ, веќе и НИЕ ЗНАЕМЕ!
Автор: Даниел Јорданоски, претседател на ГДУ-Охрид
