|

Од 1 јули целосна забрана за движење во шумите поради висок ризик од пожари

Од 1 јули до 31 август ќе важи целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште со кое стопанисува ЈП „Национални шуми“, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Одлуката е донесена по барање на ЈП „Национални шуми“ и согласно Законот за шумите, поради зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор.

Забраната ќе важи во текот на целиот ден, од 00:00 до 24:00 часот, на сите површини со кои управува јавното претпријатие.

Од забраната се изземени припадниците на Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП „Национални шуми“, како и субјектите што вршат шумскостопански активности, шумски работи и заштита на шумите.

Во шумите ќе може да се движат и лица кои ќе поседуваат писмено одобрение издадено од надлежните подружници на ЈП „Национални шуми“ за подрачјето со кое тие стопанисуваат.

За спроведување на забраната ќе бидат задолжени службите на ЈП „Национални шуми“, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Шумската полиција и Министерството за внатрешни работи.

Од Министерството посочуваат дека оваа забрана не се однесува автоматски на парк-шумите, како што е Водно, ниту на националните паркови. За движење во тие подрачја, граѓаните треба да се информираат кај правните субјекти што управуваат со нив.

 

Слични Објави