|

Алиу: Здравјето нема цена и алтернатива – Законот за заштита од употреба на производи од тутун помина во прво читање на пленарна седница

Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи вчера помина во прво читање на пленарна седница во Собранието. Ова е уште еден важен институционален чекор кон посилна заштита на јавното здравје, особено на децата, младите, непушачите и сите граѓани кои имаат право на здрав и безбеден јавен простор. Законот ја следи реалноста на денешното време, во кое покрај класичните цигари постојат електронски цигари, загреани тутунски производи и нови форми на никотински производи кои бараат современа и јасна регулатива, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.

Тутунот е поврзан со над 3.600 смртни случаи годишно, а економските загуби се проценуваат на над 600 милиони евра годишно. Особено загрижувачки се статистичките податоци кои покажуваат дека 13,6% од младите од 13 до 15 години користат тутунски или никотински производи, 57% од учениците се изложени на туѓ чад во затворени јавни простори, а 73% од младите пушачи изјавиле дека не биле спречени да купат цигари поради возраста.
Овој закон е за здравјето на граѓаните и за иднината на нашите деца. Со него се воведуваат појасни правила за терасите, поголема заштита во здравствените, образовните и детските установи, ограничувања за пушење во присуство на деца, како и сеопфатна забрана за рекламирање и промоција, вклучително и преку онлајн платформите и социјалните мрежи. Здравјето нема цена и нема алтернатива, додава министерот Алиу.

Воедно, тој истакнува дека зад изготвувањето на ова законско решение стои макотрпен, инклузивен и исклучително одговорен процес на широки консултации со сите засегнати страни и чинители, во рамки на кој беа одржани 7 работни состаноци со тутунската индустрија, 5 состаноци со угостителскиот сектор, усогласувања со државните институции и со дури 14 инспекциски и надзорни органи. Преку ЕНЕР, како што рече, беа детално разгледани 58 коментари од граѓани, трговци и експерти.

 

Слични Објави