| | |

(Видео) Сеќавање за Олга Борисова – Мадоната меѓу бугарските фолклорни ѕвезди

По повод 85-годишнината од раѓањето на бугарската народна пејачка Олга Борисова (28 јуни 1941 – 21 септември 2021), Радио Бугарија потсетува на нејзиниот голем придонес за зачувувањето и популаризацијата на бугарската изворна народна песна.

Родена во селото Жиленци, во близина на Ќустендил, Борисова уште како дете сонувала за сцена. По завршувањето на гимназијата била поканета на конкурс во Ансамблот за народни песни на БНР, каде од почетокот на 60-тите години станала една од водечките солистки. Подоцна ансамблот продолжил да настапува под името „Мистеријата на бугарските гласови“.

Борисова снимила стотици песни за БНР и „Балкантон“, има неколку солистички албуми, а обработки специјално за неа создале истакнати бугарски композитори. Таа е добитничка на национални и меѓународни награди, а нејзиното име е вклучено во Светска енциклопедија за музика, издадена во Лондон.

„Сметам дека го најдов вистинскиот пат во животот“, вели Борисова во интервју за БНР во 2016 година. Таа нагласува дека токму на светските сцени ја разбрала силата на бугарскиот фолклор: „Кога ги слушам вашите песни, ми се сака да бидам многу добра, да направам нешто големо и добро за луѓето“, ѝ рекла една Американка по настап во центарот „Кенеди“.

Фолклорниот изведувач и истражувач Даниел Спасов, нејзин близок пријател, ја опишува Борисова како уметник со „убав, висок, препознатлив сопран“, силен дух и широка култура. Тој потсетува дека и тешко болна, неколку месеци пред смртта, таа настапила на својот јубилеј во Ќустендил и пеела во истите тоналитети како во младоста.

„Јас ја прифаќам неа и нејзината генерација како свои духовни учители“, вели Спасов. Според него, Борисова и нејзините современички создале вкус кон старинската фолклорна култура и покажале како секоја песна треба да се доживее како посебно уметничко дело.

„Многу сум горда што сум рожба на еден многу талентиран народ, кој создал велико, неповторливо изкуство“, велела Олга Борисова, додавајќи дека бугарскиот фолклор е едно од нешта што „го зачудиле и го восхитиле светот“.



Слични Објави