Бугарскиот град Пловдив кандидат за Европска престолнина на спортот
Бугарскиот град Пловдив ја поднесе својата кандидатура за Европска престолнина на спортот. Одлуката дали градот ќе ја добие титулата ќе биде позната во ноември, јавува БНР.
Според Ласка Ненова, генерален менаџер на „БГ Биди активен“, Пловдив треба да исполни 12 критериуми. Организацијата ја подготвила апликациската форма за кандидатурата.
„Очекуваме меѓународна комисија во октомври да дојде во посета во период од три дена. Ќе има официјална одбрана со тимот на општината и посета на инфраструктурните објекти во градот“, изјави Ненова.
Градоначалникот Костадин Димитров истакна дека во Пловдив треба да се развиваат и професионалниот и масовниот спорт.
„Набележавме 16 спортски бази низ градот кои треба да почнеме да ги реновираме следната година, за да бидат погодни за масовен спорт“, вели Димитров.
Титулата „Европска престолнина на спортот“ секоја година се доделува на европски град со повеќе од 500.000 жители. Засега не е познато кои се конкурентите на Пловдив. Во 2018 година титулата ја доби бугарскиот главен град Софија.

