| |

Несебар – најдостапна плажна дестинација според „Дејли мејл“ и easyJet

Несебар, еден од помалку познатите морски бисери на Бугарија, беше прогласен за најдостапна плажна дестинација во класацијата на британскиот весник „Дејли мејл“ изработена во соработка со авиокомпанијата easyJet. Во анализата, овој град на брегот на Црното Море се издвојува поради белите песочни плажи, стариот град што е дел од листата на УНЕСКО, како и евтината храна и пијалоци.

Секоја дестинација во индексот е оценета врз основа на неколку клучни фактори за цена – пиво, сладолед, семејни оброци и локално сместување – сите достапни преку директни летови од аеродромите во Обединетото Кралство. Воедно, местата што се вклучени во оваа листа нудат сончево време, сино небо, мирни плажи и изобилство на слободни места во најдобрите ресторани, особено во периодот од средината на септември до крајот на октомври, кога температурите се поблаги и нема големи гужви.

На врвот на листата се најде Несебар, сместен на мал полуостров, познат по калдрмата, рестораните со морска храна и живописното крајбрежје. Градот, кој често го нарекуваат „Бисерот на Црното Море“, ја доби оваа позиција благодарение на поволните цени – пиво за 2 фунти (околу 140 денари), евтини хотели, достапни авионски билети и ниски трошоци за основни производи.

Под Несебар, на листата како подгласници се најдоа Будва во Црна Гора и Алмерија во Шпанија.

Слични Објави