Георги Кондов за ВМРО на Ванчо Михајлов: Тоа што Европа го знае
Освен за постоењето на ВМРО, Европа ги знае и длабоките причини што го оправдуваат нејзиното постоење, и ако тие причини се отстранат, тогаш и ВМРО ќе престане да постои. А тие причини, не само Европа, туку и целиот свет знае дека се кријат во неописливо насилничкиот режим што српската престапна власт го наметнала во Македонија, како и во она нечовечно и безобѕирно прогонување на сè што е несрпско од нејзина страна. Европа знае и дека српските зандани се преполни со млади и интелигентни Македонци, чија единствена вина е тоа што се родиле како Бугари и сакаат да умрат како такви; дека селата и градовите на Македонија се покриени со гробови на илјадниците знајни и незнајни жртви на српската сатрапија. Европа знае и дека сите дејци на ВМРО, мали и големи, се луѓе што не бараат ништо повеќе од заштита на своите права како слободни граѓани — права осветени од Француската револуција и од демократијата.
Претседателот на Националниот комитет на Сојузот на македонските братства во Бугарија, Георги Кондов од Прилеп, за ВМРО на Ванчo Михајлов — „живата мака на сите Срби“.
Написот на Георги Кондов „Тоа што Европа го знае“, е објавен на 8 август 1929 г. во бр. 846 на весникот „Македонија. Орган на македонската емиграција во Бугарија“.
Извор: Библиотека Струмски

