Да ја расчистиме маглата…
Повод: ВМРО, 133 години непокор: Доста со сеење магла од Софија “Нова Македонија“ 24.10. 2026
Владимир Перев
1. За да се разбере навидум целокупната сложеност на македонско-бугарските односи, поимите “Македонија“ и “македонец“, со сите придавки што излегуваат од тие поими, треба да се разгледаат во контекстот на актуелните, но и историските поимања и состојбите на времето во кои се случиле. Имено, за грците поимот македонец означува етнички грк од географската област Македонија, за србската историографија означува србин “из старе Маќедоније“, а за бугарската историографија означува етнички бугарин, останат под турско ропство. Така започнува расправата, со ноти на “мултиперспективност“, толку посакувана во погледите, толкувањта и мислењата на македонската научна, претежно историска фела. Така гледано, Македонија е Јужна Србија, за грците таа е грчка (може да биде и оваа нашата, но може да биде и онаа од Одринскиот вилает), а за бугарите тоа е дел од двете бугарски царства. За сите нив, ние овде сме срби, грци, бугари или албанци, роми, но сите заедно сосе турците, сме македонци. Тој општ поим на македонец, од 1945 година наложен како задолжителен само за бугарите, е проблемот на нашето етничко себепрепознавање и опстојување на овие ветрометни пространства. Правото на сите овде, во Македонија (па макар и Северна) да се самопрепознаваат како албанци, турци, срби, роми, власи и египтјани, а само оние кои се себепрепознаваат како бугари немаат право на тоа, е и изворот на државните, етничките и јазичните проблеми на младата македонска држава.
2. Неофицијално (но го има некаде низ учебниците) грчката наука говори за корените на грчката држава и нација, која потекнува од прадавните елински времиња, но современата е составена од амалгам на три етноса – старите грци потомци на елините, влашкиот елемент и арванитите (албанците) како конструкт на современата држава и нација. Интересно е да се каже дека за време на петвековното турско владеење грците биле секогаш признати како ромеи-римјани, албанците исто така биле со свој идентитет признат од Османската власт, а влашкиот елемент, со сопствено барање до Султанот, во 1908 година бил признат како посебен етнос на Империјата. Од сите народи на Балканот под турско владеење, никогаш и никаде, никој кој себе сѝ се нарекувал македонец, не побарал никакво признавање на тој етнос…а “македонци“ имало на служба на дворот на Султанот. За етносот на србите и нивната борба за слобода, нивниот идентитет и средновековната држава сите работи се јасни, за албанците, нивната нација и држава исто така, а за црногорците, кои имаат своја држава, допрва ќе се разговара од која и каква нација се и на кој јазик, српски или хрватски, говорат. Исто така, допрва ќе се разговара дали има црногорци кои говорат и албански (Мирдити и Кучи) како мајчин јазик.
3. Бугарија релативно касно се ослободува од османлиите (1878 и 1885 год) и таму работите се по јасни. Постојат три основни групи кои го сочинуваат бугарското племе. Тоа се мизијци од областа Мизија, тракијци, од Тракија и македонци од Македонија. Со формирањето на бугарската држава, делови од тие народи и територии, кои останале под туѓо владеење, го добиваат своето “робовско“ именување -тракијски бугари, добруџански бугари (дел од Мизија) и македонски бугари. Тоа се неослободените бугари кои и по турското владеење попаднале под друга власт – Источна Тракија останува под Турција, Добруџа под Романија, а Македонија под Османската империја за потоа да биде под Србија и Грција. Прашањето и историјата околу ослободувањето на Добруџа (Северна и Јужна), никогаш не било предмет на некакви проучувања нај нас во Македонија, па малкумина знаат дека Гоце Делчев своевремено се подготвувал воено, со своја чета да учествува во борбите за ослободување на Добруџа. Тоа не било само “добруџанско прашање“, туку била себугарска активност и организација.
4. Прашањето за ослободувањето на Македонија од турското владеење не било само “македонско“ прашање, туку, пред сѐ тоа била општобугарска активност и организација, секогаш од активисти кои биле организирани вон територијата на сегашна Северна Македонија и секогаш биле поддржани од бугарската држава или поединечни бугарски високи воени или политички функционери. Тоа е факт и тука е силата на нивната организираност и дејствие. Така доаѓаме до ТМОРО/ВМОРО или ВМРО, како рожби на таа синергија и тоа заедничко дејствување. Но, ТМОРО и Солун не се почетоците. Во 1885 година во Пловдив е основан Бугарски Таен Централен Револуционерен Комитет каде членуваат и Андреј Љапчев и Пере Тошев, како и други македонци од Пловдивската гимназија. Неговата дејност завршува со Соединението во септември 1885 година, но револуционерната и ослободителна искра е запалена.
Контроверзни се тврдењата на д-р Христо Татарчев, во спомените забележани од Љ. Милетич дека не се сеќава на првото име на организацијата, за потоа да се вика МРО (без назнаката бугарски), ама и не знае дали се викала организација или комитет. Но Уставот од 1896 до 1902 е јасен: Устав на Б’лг. Македон.-Одр. Револ. Комитети. Тука во глава Два јасно и недвосмислено се гледа дека се работи исклучиво за еден народ-бугарскиот и каде секој бугарин може да биде член на комитетот. Фактички, позициите на тој Устав до денес се останати во меморијата на македонските бугари или воопшто дури и на сите македонци од постарите генерации – терминот Организација кој ние нашироко го употребуваме како скратена форма на ВМРО, до некаде во моите младешки години беше непознат. Старите во Прилепско, Велешко, Охридско и Битолско, за ВМРО го имаа само терминот “Комитето“, без она “т“ на крајот, вообичаено во тој регион, а онака како што и самиот Татарчев го нарекува во спомените. Тоа е Комитет на бугарите од Македонија и Тракија и тоа, барем во тие моменти е факт. Други народности немало. Ги нема грците, србите, албанците, само покасно се приклучува дел од влашкиот етнос, а поддршка има од албанците и ерменците.
Србите од првиот момент, па се до денешен ден, без обзир во каква држава или која идеологија живееле, ВМРО ја имаат за бугарска и непријателска организација. Тие си го имаат својот Гоѓевац и четничката организација, која требало да ја “ослободува“ Македонија и за која и до денешен ден тврдат дека била патриотска. Но, тоа е право на победниците, победената Бугарија ги немала (барам до скоро) тие права. Таква оценка имал и Лазар Колишевски и тој не се воздржувал тоа да го каже, како и за Делчев дека е “бугарски револуционер“. Така ТМОРО/ВМОРО е монолитна бугарска организација на бугарите (и само) бугарите од Тракија и Македонија. Националност “македонец“ никаде не се споменува во денешната смисла на зборот, затоа што и не постоел. Подоцна работите се менуваат, за дадената географската опрeделеност, да стане националност
5. Интересни се сведоштвата на Димитар Влахов, познатиот политички и национален конвертит, деец на ВМРО, Царски конзул на цар Фердинад во Призрен, пријател на Лазо Колишевски и Јосип Броз. Тој дава интересни сведоштва за промената на бугарскиот национален поглед на ВМРО и трансформацијата кон општиот термин “македонска“. Во Виена, во 1925 година пишува:
Първоначално револ. организация почна да работи всред българското население в Македония и то не всред целото бълг. население, а само всред тая част от него, която се числеше към Бълг. екзархия. Ръководството се отнасяше с недоверие към българите неекзархисти – патриаршистите, католиците, протестантите… По-късно те (ръководството) измениха устава на организацията в смисъл, че член на организацията може да бъде всеки македонец, от която народност и да е той и каквито и да са неговите политически разбирания, стига да приема нейните принципи и се бори за политическата автономия на Македония.
Потоа, во Скопје, во своите “Мемоари“ околу 1950 година ќе каже:
Кога зборувам за македонскиот народ ги имам предвид на прво место македонските Славјани. Под името македонски народ по тоа време македонските дејатели го разбираа целото население на Македнија, т.е. зборот Македонци имаше поскоро географски карактер … Кога револуционерната организација беше основана и почна да работи, ја започнува својата работа најнапред среде оние Македонци кои се викаа Бугари.
6. На Балканот поимите држава, нација и етнос имаат различен облик на прифаќање. Во Србија, покрај бројните националности како унгарци, албанци, бугари или хрвати, постојат поимите србин и србијанец кои единствениот етникум го делат географски, но и историски – србите се северно од Дунав и во Краина и Херцговина (оние кои биле под Австроунгарија), а србијанците јужно од Дунав, до Македонија (кои биле под Турско). Во таа класификација, ние македонците сме јужносрбијанци. Но, сите се срби иако говорат на два дијалекта и имаат две писма, кирилично и латинично. Кај хрватите ситуацијата е уште поразлична. Поделени на далматинци, загорци, славонци, кордунаши, со неколку различни дијалекти кои тешко меѓусебно се разбираат кај помалку образованите луѓе, сите се чувствуваат како хрвати. Имаат и една друга категорија. Тоа се Градиштанските хрвати, оние кои по играта на историјата и изгубените вoјни, останале во рамките на Австрија, но сепак се хрвати и така се претставуваат-Градишчански хрвати. Ние, по игра на историјата сме останале во рамките на двете Југославии и како бугари, имаме право да се нарекуваме македонски бугари. За албанците и да не говориме. Би сакал да го видам некој да му каже на Али Ахмети дека операцијата на УЧК во 1991 година е операција на косовските албанци, па тоа не е дело на сите албанци и дека другите албанци се помалку албанци од косовските албанци…или да каже дека поимот “косовари“ не значи и албанци.
7. Нема правилна и погрешна страна на историјата, има само добиени и изгубени војни. Потоа настануваат последиците од војните, најчесто економски и оние пострашните, историски. Но, тоа се менува на секои педесетина години, па така не може да се тврди кој бил на која страна, погрешната или вистинската. Дали Германија во двете светски војни била на погрешната страна, дали? А дали Русија била на вистинската страна. На која страна била Јапонија. Што се случува со Шпанија која не била во Војната, која е таму правилната страна. Македонија до 2 агуст 1944 година никогаш не била субјект на историјата и никој не се интересирал, тој народ на која страна на историјата ќе биде. Македонските бугари биле на страната каде била и Бугарија во историјата, србите и србоманите од Македонија биле со кралството Србија, албанците си биле со патоказите на Тирана, а гркоманите со андартските чети. Тоа сме биле ние “македонците“, а овде поминале сите можни војски, сите како поробители и интересно, сите како ослободители. Секој од нас бил со оние за кои чувствувал и знаел дека етнички им припаѓа. Само на институциите на бугарската држава, во Софија, никогаш не се веело знамето на окупаторска армија, а војните биле изгубени. Иронија на историјата…
8. Современата македонска држава не сака да се сретне со својата историја. Ние не сакаме да ги погледнеме документите во архивите, сакаме нашата историја да биде прераскажана како приказна од областа на белетристиката, со сопствено толкување на настаните и личностите. Оваа држава одбива да ги признае заслугите на македонските бугари, (подведувајќи ги под општиот термин “македонци“) за своето формирање и слобода, а експлоатирајќи ги термините “братство и единство“, “југословенски народи“ и слични други. Овие термини се валидни за НОБ и АСНОМ кога државата конечно е формирана, но немаат никаква врска со историската борба и жртвите, на оние кои денес ги нарекуваме со општиот поим “македонци“. ВМРО е првичниот носител на борбата за слобода и таа е исклучиво бугарска организација, организација на македонските бугари, но и на бугарите од сите делови на Балканот каде што живеат. Во таа организација членуваат и тракијци и мизијци и добруџанци, нешто подоцна се вклучуваат и власи и ерменци, но останува како организација со бугарски предзнак. Современата македонска нација, ако тука ги сметаме и албаците и ромите и србите, нема никаква врска со таа организација и нејзината борба. Најмалку врска со таа борба има србизираната, југословенизирана општност на македонското ткиво. Тврдењето дека партијата ВМРО ДПМНЕ е наследник на старото ВМРО е обична заблуда и манипулација со чувствата на луѓето. Тоа е партија во која членува секој, во неа има и срби и роми, имаме и африканци, веројатно ќе има и непалци, но сите тие немаат ништо општо со Организацијата, поточно со Комитетот. Таа организација е бугарска, нејзините раководители, без оглед од кој крај на Македонија или Бугарија се дојдени или родени, сите се етнички бугари, комити и војводи со бугарска самосвест. Тоа ги обединува во борбата, животот и смртта. Ние, македонските бугари сме вистинските и единствени наследници на Организацијата, Комитетот, ВМРО или како и да се нарекува…
9. Прашањето за национален и јазичен сепаратизам постоело и постои кај сите големи нации. Некои успеале да се одвојат и да добијат свој идентитет, како на пример австријците, но некои како Бретања, Каталонија, Прованса, Тексас и други, останале само во обид за своја држава и (некои) со делимично призната јазична посебност. Бугарската држава тука не е исклучок. Отсекогаш имало напори за некаква посебност – добруџанска, тракиска или македонска. Факт е дека, уште од Лозарите (кои сепак се повлекоа од своите идеи), па преку Мисирков има пројави на македонски јазичен сепаратизам, па дури и националност. Јазичниот сепаратизам е јасен. Виновни за тоа се бугарските лингвисти, специјално Марин Дринов, кои обземени од своeто русофилство, ги игнорираат јазичните особености на бугарскиот јазик кој се говори во Македонија. Тие проблеми со јазикот најдобро ги опишува Кузман Шапкарев, но неговите напори за себугарска јазична согласност остануваат јалови. Во поново време лингвистот Благој Шклифов ја доразви таа теза, теза на “јазично предавство“. Потоа се јавува и Мисирков со своите налудничави размисли и навредливи тиради за србите како “свињари“, за сето тоа, во денешно време да добие епитет на државност и посебност. Тоа е заслуга на болшевичките додворувачи на власта од 1945 година наваму и е длабоко погрешно и еднопосочно, без никакви меѓународни признавања. Треба да се знае дека огромна е разликата меѓу термините “државност“ и “држава“, “јазична посебност“ и “признат јазик“, нешта кои кај нас намерно се поравнуваат и запоставуваат. Нашата обземеност со погрешно толкување на термините, доведе до “светска итервенција“ со која ни се наложи промена на знамето, потоа промена на името, за конечно да се сретнеме со интервенција во толкувањето и на името на јазикот. Згора на сето тоа, МПЦ – ОА која е упатена во проблемот може би најдобро од сите, не се решава (и покрај официјалната промена на името на државата) да прифати име посочено од Васеленската патријаршија, која е единствена надлежна за давање на валиден томос за афтокефалија. Некои странски сили (Србија, Русија…), како преднамерено да не ставаат во ситуација да опстојуваме во меѓупросторот на небиднината и иднината, жртвувајќи нѐ во името на нивните интереси.
10. Не сакам да бидам разбран како неповикан адвокат на Софија, но да се каже “сеење магла од Софија“ е крајно некоректно. Напротив, Софија треба директно да биде обвинета затоа што до сега не се потрудила да се “расчисти маглата“ во нашите односи, толку настојчиво веена од југословенските, српските и македонистичките националисти. Толерантниот повеќедецениски став на Софија во однос на нарушувањето на правата на македонските бугари, треба да биде осуден…и тоа, пред сѐ од македонските политичари и историчари. “Обединетите комунисти од целиот свет“ успеаја да го направат, за само неколку години она што никогаш не помислиле да го прават “обединетите фашисти“ – да го поделат бугарското племе и да го девалвираат владеењето на бугарскиот јазик на териториите исконски населени со бугари. Времето на националната поделба, направи и идеолошки разлики, често пати надвор од здравиот разум. Македонските бугари најчесто се ванчомихајловисти и блиски до монархистичките сфаќања за држава. Нивниот идеал била единствена држава раководена од Кобурзите, истите оние кои се виновни за себугарските национални катастрофи. Сите македонски бугари се определени строго на проевропски и западни државотворни идеали и крајно антируски/антисоветски настроени во своите размисли. Во нивните очи, Русија е виновникот за сите национални катастрофи на целокупниот бугарски народ. Во Бугарија пак, ситуацијата е малку поразлична. Силното руско влијание и митот за “дедо Иван“ кој ќе ја донесе слободата, видливо одудираат од позициите на нивните еднородни браќа од Македонија. Тоа е заедничката трагедија на бугарското племе денес. Интересно е да се каже дека “етничките“ македонци, не-бугари, стојат претежно на позициите на бугарите од Бугарија, на русофилски позиции. Македонските политичари, социолози и историчари (од Северна) се должни да се сообразат со тие разлики и да го покажат тоа на светот, пред сѐ на ЕУ, за така да го забрзат нашето патување кон Европа. Македонските преселници во Бугарија кои денес се повеќе од еден милион, заедно со нивните потомци, должни се да ги поддржат нашите напори на тој пат, знаејќи дека ние сме еден народ, историски поделен во две држави и со, најчесто, различни идеолошки погледи. Тоа се разлики кои не треба да влијаат на единството на нацијата и народот, овде и од другата страна на границата.
11. Одново за “маглата“! Таа ќе се расчисти, кога ќе се расчисти патот кон Европската унија. За тоа да стане, неопходни се неколку чекори: 1. Внесување на бугарите во уставот на РСМ, 2. Запирање на говорот на омраза и стигматизацијата, 3. Давање соодветни права на македонските бугари како и на сите други националности /или малцинства, како сакате/ во земјата, 4. Зајакнување на стопанските, сообраќајните и безбедносните врски меѓу двете држави, во согласност со насоките на ЕУ, 5. Отворање на македонскиот медиумски простор.
Тогаш работата на навистина неопходната Историска комисија ќе ја добие својата валоризација, своето вистинско значење…помалку белетристика, повеќе документи и тогаш нема да има “магла“ на демократскиот живот во двете држави. Така, Македонија ќе го отвори јасно и чисто својот пат кон вредностите на Европа, за која толку многу мечтаеме…
Треба само да се има желба, добра волја и чесни намери.
