Госпоѓа Инфлацијата
Христо Михајлов
Дали инфлацијата понекогаш не е токму посакуваната гостинка? Сè повеќе финансиски експерти денеска го поставуваат ова, на прв поглед еретично, прашање: дали малку инфлација е попожелна од забавените темпа карактеристични дури и за најмоќните економии?
Со огромни напори, водечките западни држави во текот на годините успеаја да ја обуздаат „госпоѓа Инфлација“. Според класичната дефиниција, инфлацијата означува општо и непрекинато зголемување на цените, односно обезвреднување на националната валута. Но, одреден период наназад, во економии како што се САД, Англија и Јапонија сè појасно се надѕира сенката на дефлацијата – забавување или дури целосно потиснување на инфлацијата преку намалување на паричната маса и свивање на побарувачката. Економистите предупредуваат дека тоа може да биде извор на нова рецесија.
Навидум е убаво цените да паѓаат, но дефлацијата носи сериозни последици: профитот на компаниите не расте, туку се топи, што ги обесхрабрува инвестициите. Токму затоа дел од економистите стравуваат од преминување во антиинфлациони мерки, кои можат да го парализираат економскиот раст.
Од друга страна, зошто да не се остави и малку простор за инфлацијата? Таа, на пример, носи и одредени придобивки – со зголемување на цените растат и доходите, особено на оние што се на плата. А повеќе пари во џебовите на граѓаните значат и зголемена потрошувачка. Инфлацијата, исто така, ја засилува кредитната активност. Сепак, финансиските ортодокси потсетуваат дека инфлацијата не е игра – нејзиниот раст директно ја погодува „потрошувачката кошница“ и животниот стандард.
Инфлацијата може да биде резултат на повеќе фактори. Најчесто тоа е ситуација кога побарувачката е поголема од понудата – класичен механизам кој ги турка цените нагоре. Но, дополнителен притисок создаваат и масовните барања за повисоки плати, особено ако продуктивноста не се зголемува. Во такви услови и покачувањата на платите брзо се „проголтуваат“ од растот на цените.
Друг извор е т.н. увозна инфлација – кога цената на одредени суровини или производи на светските пазари нагло се зголемува, или кога националната валута ослабува во однос на валутите на економските партнери. Тогаш увезените производи поскапуваат, а тоа директно ги погодува цените на мало.
Не помалку значајни фактори се и политичките и социјалните кризи, како и војните. Доволно е да се потсетиме на Виетнамската војна, кога САД пуштија во обрт стотици милиони долари за финансирање на конфликтот – пари што дополнително ја поттикнаа светската инфлација.
Економистите често предупредуваат на т.н. инфлациона спирала: раст на цените → барања за повисоки плати → повторно раст на цените. Иако во овие ситуации државата на прв поглед профитира – бидејќи со растот на цените растат и даночните приходи – најсиромашните слоеви на населението се првите кои ја плаќаат цената.
Инфлацијата е антидемократски процес – таа води кон драстично осиромашување на социјално ранливите категории. Дневната економска реалност на граѓаните се претвора во борба за опстанок.
Западните национални банки често наведуваат дека инфлацијата не смее да биде ниту под, ниту над 3%. Во таа рамка таа е „поднослива“ и може да се смета за знак на здрава економија. Но, ако се развиори, последиците се тешки за амортизирање.
Во глобализираниот свет, сепак, националната инфлација сè повеќе зависи од регионалните и меѓународните текови. Никој не може однапред да предвиди колку ќе чини суровина што се добива на другата страна на светот и се плаќа во долари.
Затоа, за Македонија, но и за други мали економии, сè позначаен индикатор ќе биде не толку домашниот инфлациски процент, туку движењата во соседството и на глобалните пазари.
Да се „закова“ инфлацијата меѓу 0 и 3% на глобално ниво би било идеално сценарио. Но тоа останува повеќе како економска утопија отколку реална цел. Инфлацијата секогаш ќе биде дел од економската динамика – понекогаш закана, понекогаш спасител.
