На 23 август почнува јавниот увид во Избирачкиот список
Во пресрет на локалните избори закажани за 19 октомври, од сабота – 23 август, започнува јавниот увид во Избирачкиот список. Увидот ќе трае 20 дена, односно до 11 септември на полноќ, а заклучениот список ќе биде потпишан од Државната изборна комисија (ДИК) најдоцна до 3 октомври.
Сите граѓани имаат можност да ги проверат своите податоци и да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на информациите. Барањата се поднесуваат писмено до подрачните одделенија или месните канцеларии на ДИК, како и по електронска пошта, при што задолжително се приложуваат и потребните докази. Рокот за поднесување е од 23 август до 11 септември.
Можност за увид имаат и лицата кои се наоѓаат во притвор или во затвор. Тие своите барања ги поднесуваат преку надлежниот орган за извршување на санкциите до ДИК.
И политичките партии до 11 септември можат да побараат увид во Избирачкиот список. По неговиот прием, кој мора да се изврши најдоцна до 14 септември, партиите имаат пет дена да поднесат барање за евентуални промени.
ДИК е должна да одлучи по секое поднесено барање во рок од три дена. Доколку некоја политичка партија не се согласи со решението, може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа, а судот е должен да донесе одлука во следните 24 часа.
Исто така, „ДИК е должна да донесе одлука по барањата на граѓаните во рок од 24 часа“. Доколку барањето биде одбиено, граѓанинот има право да поднесе тужба до Управниот суд, кој повторно мора да реши во рок од еден ден.
Министерството за внатрешни работи, еден ден по завршувањето на увидот, ќе достави списоци на лица кои поднеле барање за нова лична карта, како и на оние што ќе наполнат 18 години до денот на изборите. Податоци за ажурирање на списокот доставуваат и други институции, меѓу кои органите за извршување на санкции, Министерството за социјална политика и судовите.
Конечниот Избирачки список ќе биде заклучен најдоцна на 26 септември, а официјално потпишан на 3 октомври.

