| |

Потполно е бесмислено да се преговара со Вучиќ за ЕУ

Монд/БГНЕС

По девет месеци на непрекинати протести и демонстрации, српските власти сè уште не успеваат да го запрат антикорупциското студентско движење, кое ја потресува оваа балканска земја од ноември 2024 година, кога се урна натстрешница на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад, вториот по големина град во земјата. Ова се вели во уреднички коментар на авторитетниот француски весник „Монд“ по повод масовните протести против режимот на Александар Вучиќ во Србија, пренесува БГНЕС.

Трагедијата, која одзеде 16 животи, во Србија се доживува како резултат на ендемичната корупција што владее во оваа држава со 6,6 милиони жители.

На власт од 2014 година, прво како премиер, а потоа и како претседател, Александар Вучиќ никогаш не обрна сериозно внимание на барањата на студентите, кои повикуваат на воспоставување функционален судски систем и почитување на принципите на правната држава.

Вучиќ не сака да го исполни ниту нивното барање за предвремени парламентарни избори. Откако со месеци ги оцрнуваше сосема мирните протести, на 12 август тој се впушти во загрижувачка стратегија на страв, распоредувајќи по улиците на земјата хулигани, блиски до моќниот српски организиран криминал, кои ги провоцираат демонстрантите.

Во вторник и сабота судирите меѓу приврзаниците на власта и демонстрантите се засилија во неколку српски градови, кои се претворија места за меѓусебни пресметки.

Непознати маскирани луѓе ги ограбуваат простории на владејачката партија. Сè почесто полицијата врши брутални апсења, чии видеоснимки се шират по социјалните мрежи, со очигледна цел да се заплаши јавното мислење, додека власта ја обвинува опозицијата дека сака да „ја уништи Србија“ и да ја доведе земјата до „граѓанска војна“.

Оваа стратегија потсетува на интервенцијата на провокаторите во Киев за време на револуцијата на Мајдан во 2013–2014 година, кога тогашната владејачка партија користеше групи хулигани и полицајци во цивилна облека за да посеат насилство меѓу мирните собири.

Самиот Вучиќ го поттикнува хаосот што го осудува и очигледно се надева дека тоа насилство ќе ги дискредитира српските студенти, особено во очите на Европската унија (ЕУ) и нејзините лидери.

За да го мобилизира силното проруски насочено јавно мислење во својата земја, тој редовно обвинува, без да даде докази, дека „странски служби организираат шарена револуција“.

Но, во реалноста српскиот претседател досега секогаш се потпираше на пасивноста на Брисел и европските престолнини, кои се воздржуваат да ги критикуваат неговите методи.

Претседателот Емануел Макрон, кој во 2024 година и продаде 12 ловци Rafale на Србија. Францускиот претседател, поздравувајќи ја „стратегиската промена“ во оваа земја, која досега беше вооружувана претежно од Русија, се воздржа од било каква критика.

Германија, која смета на Вучиќ за отворање на рудник за литиум во Србија – од клучно значење за нејзината автомобилска индустрија, но многу спорен за самата Србија – е исто толку дискретна.

Во Брисел, Европската комисија не е поагресивна. Протестното движење исто така не е без двосмисленост, а на маршевите се слушаат многу националистички и проруски слогани.

Тоа не треба да ја спречи ЕУ да се соочи со очигледното: продолжувањето на преговорите за пристапување со Србија под раководство на Александар Вучиќ е бесмислено.

Ова само го зајакнува убедувањето на српските опоненти, кои сметаат дека Европа го поддржува нивниот автократ.



Слични Објави