СКАПО ПЛАТЕНИ „ПАТРИОТИ“
Тешко време со извитоперени вредности, каде манипулацијата лагата и глумата се високо ценети. Тешко време каде предавниците и криминалците се на клучни позиции. И најтешко е тоа што уставобранителите наместо да ги бранат граѓаните тие ги ослободуваат огрешените и соработуваат со нив.
Доста актуелни во последно време станаа „скромните“ патни трошоци на пратениците, кои со години ја злоупотребуваат својата функција, која впрочем е дадена од народот и како народни избраници да го преставуваат истиот. Но наместо да го претставуваат народот и да придонесуваат за општеството, тие ја злоупотребуаат својата функција и придонесуваат само за нивно лично богатење.
Патриотите кои скромно патуваат и уште поскромно наплатуваат. Низа од пратеници кои земаат над 100,000 евра за 4-5 години и тоа само за патни трошоци. Па сега замислете колкава би била целосната сума за овие „патриоти“ да го претставуваат народот и да се борат за него. Замислете како се жртвуваат Мира ДИЗЕЛ и Александар БЕНЗИН (Николовски)? Низ какви ли мачни патишта поминуваат овие патриоти? Замислете еден просечен работник во Македонија не може да направи таков обрт на пари во животот, колку што еден пратеник зема за само 4-5 години за патни трошоци. Замислете колку животи згаснуваат за многу поситни пари? Замислете колку млади животи би се спасиле со тие пари? Жалосно е тоа што дел од граѓаните сѐ уште ги поддржува овие лажни патриоти. Жалосно е тоа што дозволуваме овие патриоти да го делат народот, осиромашуваат и да им ја упропастуваат иднината на идните генерации.
Тешко е да се разберат и оние луѓе кои очекуваат од ДПМНЕ да ја исправи државата на нозе, иако забораваат дека тие ја клекнаа на коленици. Дали овие патриоти заборавиле дека 11 години беа на власт и не им сметаше ништо? Загадување, криминал, неправда или сега се пробудија од зимскиот сон? Зарем Стевананџија има амнезија или паднал од некоја крива круша? Манипулации и маски колку ви душа сака.
Тешко на овој мачен народ кој очекува ДПМНЕ да ја обнови Македонија. Тешко на овој народ кој чека СДСМ да го најде правиот пат. Но најтешко на тој народ кој бојкотира и чека нешто да се промени само од себе.
П.С. Перцепцијата на партиските профитери денеска е чудна и тоа ако си од ДПМНЕ си прав патриот, а пак од СДСМ си Европеец и напреден човек, но ако припаѓаш на некоја помала трета опција си платеник на Русите, Србите, Бугарите, Грците итн. До кога ли ќе им се дозволува на овие „патриоти“ да го ограбуваат овој народ и до кога ќе им дозволуваме на овие „Европејциве“ кои заглавија во Северна да ни продаваат пуфки по економија? Време е да побараме сметка за своите пари! Време е да видиме кој ги троши нашите пари! И време е да видиме каде одат 40% од нашите плати!
Автор: Даниел Јорданоски, претседател на ГДУ-Охрид
