ПРЕСМЕТКА КАЈ СОБРАНИСКИОТ КОРАЛ

//

Циркусот кој што ни го правеа деновиве пратеничките групи на позицијата и опозицијата наликува на каубојска пресметка на две големи разбојнички групи кај ОК коралот, за да ни докажат на граѓаните кој е посилен, поинает и полуд, и така да ги заслужат нашите гласови за следните локални, а можеби и предвремени парламентарни избори на есен. И, нормално, сето тоа со добро платени дневници на наш грб. А ние, како пред добар вестерн, ќе си седиме пред телевизорите или компјутерите, со пуканки или семки и добар пијалок, ќе навиваме и ќе се караме кој е во право и кој е поголем разбојник, уживајќи во сеирот и преплатениот циркус. Тие пак, сокриени во своите ровови, лажно ќе пукаат едни на други со провокативни изјави, афери и скандали, и ќе ни докажуваат кој повеќе ги крадел нашите пари од буџетот. Жално – но вистинито!

  Од целиот овој циркус една работа веќе подолго време ми боде очи и ме враќа на една светски почитувана теорија за организациите, која вели: Кога во една организација сите луѓе живеат прехармонично, никој со никого не се кара и не сака да се замери, кога никој за ништо не критикува и владее едноумие, кога никој не дава нови конструктивни предлози и идеи – е тука нешто многу дебело не е во ред, и има некој огромен проблем. Дали приметувате колку се единствени пратениците во одделните пратенички групи во партиите, колку во самите пратенички групи помеѓу пратениците се е хармонично, нема меѓусебни расправии и убедувања, колку хомогено пратениците ги застапуваат ставовите на лидерите на собраниските седници, доаѓаат со веќе напишани текстови и договорен редослед на настапи, како слепо се придржуваат до сценариото кое однапред е поставено од лидерот на партијата? Зарем е можно толку однапред се да се знае, и кој што ќе каже, и кој кому што ќе одговори? Излегува дека собранието е еден голем театар во кој пратениците само глумат демократија, и тоа не само за големите плати – туку и за многу поголеми суми за своето гласање, по налог на лидерот на партијата. Се разбира, кога веќе од него зависи како ќе гласаат неговите пратеници, тој само помал дел од сумите ќе им даде нив – а, како главен, поголемиот дел ќе го задржи за себе, нели? Ама кај неговите пратеници нема лутење и незадоволство, па тие ова и си го знаеа кога се нафаќаа да се кандидираат за пратеници! Па ако не ги поставеше лидерот високо на избирачката листа – ќе останеа на дното и немаше да имаат ништо, а не овие сосема задоволителни пратенички плати, дневници и суми.

   Значи, логично, кому му се лојални пратениците и кого го слушаат, дали нас, граѓаните кои ги претставуваат, или нивниот лидер? Види глупаво прашање, па се разбира – нивниот лидер, зошто тој ги ставил на добитните места на листите и тој ги избрал, а не ние граѓаните! Затоа е и нивната слепа послушност и верност кон лидерите, а не кон нас, и затоа во пратеничките групи владее хармонија и систем – не замери се, зошто ако некој настапи самоволно, не дај боже против интересите на лидерот – веднаш ќе се „разболи“ или ќе добие „силни семејни причини“ за да го врати пратеничкиот мандат, со силна благодарност дека не завршил во затвор со некои силни афери. Значи, и по теорија и по пракса – овде во политиката на Македонија нешто дебело смрди!

  Е затоа сите пратеници на опозицијата, како на копче, ќе ги напуштаат собраниските седници, сите сложно, како војска во која нема право ни на мрштење или негодување, а не пак на противење, и на копче ќе чекаат спремно, сите заедно, да влезат во собрание на седница на знак на лидерот. Зарем за ваква работа требаат многу паметни и квалитетни луѓе? А пак пратениците на власта, не само што сите комплет и неуморно ќе мора да седат во собрание и да чекаат можност да се гласа нешто, туку по наредба од лидерот – и позитивни на корона ќе доаѓаат во собрание за гласање, за доброто на граѓаните, нели? Па добро, како не се најде ЕДЕН пратеник од позицијата или опозицијата кој за било која тема јавно ќе размислува и дискутира различно од мислењето на мнозинството во својата пратеничка група? Па нека и му налепат веднаш етикети дека се продал, дека е предавник и сл, ама барем да може јавно да каже дека за таа тема го рекол тоа што го мисли и чувствува тој, или неговите граѓани кои ги претставува. Па нели тоа е демократијата, слобода на мислење и делување? Епа ова е тој голем симптом дека нешто дебело смрди во нашата држава и демократија, дека има некој огромен проблем за кој не смее да се зборува и кој се става под тепих, а кој дебело ја разјадува нашата држава одвнатре, како рак. Неговите ефекти се многу видливи преку падот на стандардот, задолжувањата на државата, криминалите и корупцијата, пропаѓањето на државата. Затоа полициски службеници ќе изработуваат македонски пасоши на светски мафијаши, ќе се делат државни тендери на партиски луѓе и т.н.

  Ете затоа ни се случуваат лидерските средби и суспендирањето на демократијата и собранието, затоа што лидерите на партиите се тие кои, како режисери во приватен театар, ги делат улогите на своите глумци (пратеници) и бараат точно, до збор, да ги научат и рецитираат, без право на приговор. Тие се сигурни во апсолутната лојалност и послушност на НИВНИТЕ (а не граѓански) пратеници, и затоа на лидерските средби, кај некој ОК корал, ќе уценуваат со бројките на НИВНИТЕ послушни пратеници како покерашките коцкари со картите.

  Најстрашниот збор, од кој најмногу се плашат нашиве „политичари“, е зборот ЗОШТО. На прашањето од нас граѓаните ЗОШТО ова ни се случува, и која е вистинската причина ЗОШТО нашите пратеници вака се однесуваат и не ги решаваат нашите проблеми – лидерите на партиите и НИВНИТЕ пратеници ни даваат комплицирани и замрсени одговори кои ни самите не ги разбираат, а не пак ние. А одговорот е еден и едноставен – ова ни се случува заради затворените изборни листи, кои им ја даваат оваа голема моќ на лидерите на партиите, а која моќ тие максимално ја злоупотребуваат.



  Тоа значи дека решението на сите проблеми во Македонија е едноставно и само се наметнува – итна измена на изборниот закон и воведување на ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ, со кои што моќта на изборот од рацете на лидерите ќе се префрли во наши раце, на граѓаните, кои ги финансираме политичарите и кои сме и сопственици на оваа држава. Капа долу за Имер Селмани и за уште неколку политичари кои јавно кажуваат дека за вистинската демократија во Македонија најважно е воведувањето на отворените листи, многу поважно од тоа дали ќе биде една изборна единица или некои други шминки. Сите слободоумни граѓани на Македонија, кои својата и иднината на своите деца ја гледаат во Македонија – отворено бараат итно воведување на отворените листи, и им порачуваат на партиските глумци и лидери дека не им проаѓаат манипулациите дека, демек, ќе прават реформи на изборниот закон со воведување една изборна единица. Демек, многу било комплицирано воведувањето на отворените листи, немало време, имале многу слабости и т.н. А будали се најразвиените држави кои одамна вовеле отворени листи и се повеќе се развиваат, а нашите деца се селат и живеат таму, без намера да се враќаат, и уште не жалат каде, со кого и како живееме.

  Епа доста е од ова силување на сопствените граѓани бре луѓе, како не разбирате – ПРОЧИТАНИ СТЕ ! Сите пратеници и лидери кои не дозволувате итно воведување на отворени листи, вие можеби имате пратенички имунитет – ама немате имунитет пред сопствената совест, која доживотно ќе ве јаде за тоа што свесно им го правите на своите граѓани, ова мачење и тортура. А за вашите криминали кои свесно ги правите, да не збориме и за криминалите на вашите лидери,  покрај историјата и господ – најверојатно ќе ви судат и судовите, кога – тогаш.

  САКАМЕ пратеници кои ние ќе ги поставуваме во собранието преку ОТВОРЕНИТЕ ЛИСТИ, кои таму ќе ги застапуваат нашите ставови и кои нас ќе не прашуваат како да гласаат по одредени прашања, а не да бидат марионетки во рацете на лидерите. САКАМЕ пратеници кои ќе држат до своето и нашето мислење, кои за тоа ќе влегуваат во дискусии и расправи и со својот лидер на партијата и со сопартијците, и ако некој со аргументи го докаже својот став – другите да го прифатат тоа. САКАМЕ пратеници кои нам, на нивните граѓани, ќе ни бараат дозвола за спротивставување со ставовите на својот партиски лидер, па ако треба да ни бараат и замена на лидерот. САКАМЕ лидерот на партијата да зависи од нас граѓаните кои го гласаме – а не од некоја моќна домашна или странска рака која одозгора ќе ни го поставува. Сето ова ни го овозможуваат само ОТВОРЕНИТЕ ИЗБОРНИ ЛИСТИ, а во спротивно – и натаму ќе бидеме сведоци на овие лажирани, многу штетни и прескапи театарски претстави на лажирани партиски и пратенички пресметки кај собранискиот корал.

Автор: Елизабета Најдоска Величкова

Претходна статија

ГАНЕВ: БУГАРИЈА НЕ ГО МЕНУВА СТАВОТ КОН СКОПЈЕ АКО НЕМА НАПРЕДОК ВО ДИЈАЛОГОТ

Следна статија

НЕМА БУГАРСКО ПИСМО ДО ЕУ ЗА РС МАКЕДОНИЈА-НОВА МАНИПУЛАЦИЈА ВРЗ МАКЕДОНСКАЈАТА ЈАВНОСТ НАСОЧЕНА ПРОТИВ БУГАРИЈА

Најново од Вести

Заев и Бочварски на патот Пробиштип-Крупиште: Изградбата и рехабилитацијата на патиштата е приоритет заради поврзување на регионите и за побрз економски развој

Голем број инфраструктурни проекти се изведуваат со засилено темпо и да ги испочитуваат роковите за исполнување