КОРОНА И ДРУГИ ВИРУСИ
Корона вирусот е ужасно нешто што цел свет го дигна на нозе. Однесе повеќе животи отколку вирусот САРС. Алармот за вирусната состојба е веќе вклучен на глобално ниво. Кај нас засега е мирно, бидејќи сè уште не сме погодени. И нека остане така. И, секако, да се надеваме дека ситуацијата во најбрзо време ќе се смири и во глобални рамки.
Размислувајќи и, секако, стравувајќи, како и секој граѓанин во оваа држава, околу страшните последици од овој вирус, низ мисли ми поминува нешто што, исто така, долго ме измачува. Но, не само мене, туку и многумина во општеството.
Ние долго време сме погодени од еден, исто така, страшен вирус, корупцијата. Вирее со години. Толку многу е распространет, што е тешко да се најде неконтамиран сектор, област или подрачје. Оваа контаминација полека, но со сигурност нанесува огромни штети. Тешко е да се живее под нејзин притисок. Тортурата што ја носи со себе води до парализирање и губење на општеството. А, најмногу го погодува поединецот, крадејќи му го основното човеково право, слободата.
Можеби се прашувате зошто правам таква споредба, односно меѓу корона вирусот и корупцијата. Веројатно и со право.
Медиумите, книгите и филмовите многупати ни покажувале како нови смртоносни вируси се шират со толку брзо темпо што се закануваат да го уништат човечкиот род од лицето на Земјата. Споменувајќи ги корона вирусот и корупцијата заедно сакам да укажам на нешто што сите нам ни е јасно – стравот! Или, поинаку кажано, поврзувајќи ги вирусот и корупцијата сакам да ја истакнам злокобната моќ на корупцијата, исто како и нејзината заразна природа.
Како лекар, сметам дека постои јасна врска помеѓу епидемиолошката шема на вирусот, односно неговото ширење, и корупцијата. Корупцијата не само што се шири, туку во наш контекст, очигледно, ескалира и станува сѐ поштетна. Вирусот е органски, биолошки ентитет, а неговиот деструктивен ефект може со спореди и со ефектот на корупцијата, којашто е динамичен, променлив и речиси жив феномен со своја својствена сила. Таа внатрешна сила може да се спореди со начинот на којшто се однесува еден вирус. Зборовите како „ширење“, „ескалација“ и „брзина“ се речиси еднакво применливи и за биолошките вируси, но и за вирусот на корупцијата.
Вирусот го инфицира телото, ја заобиколува моќта на имунолошкиот систем и е во состојба да доведе до оштетување на заразените клетки. Процесот на вирусната инфекција е секогаш ист, неколку честички на вирусот се задржуваат во ќелијата и почнуваат да се размножуваат. Така и со корупцијата, ако таа зарази едно или неколку лица и, доколку тие не се во состојба да ја одвратат почетната инфекција, корупцијата ќе се прошири кај уште поголем број луѓе. Па, така, внатрешното ширење на корупцијата во една институција ќе добие големи размери и со текот на времето ќе се пресели од ширењето навнатре кон ширење нанадвор, меѓу различни институции опфатени со епидемијата, а може да добие и пандемични размери.
Јас не велам дека поединецот што е корумпиран би можел да биде убиен од вирусот. Но укажувам дека ако некој станува сѐ покорумпиран тој и самиот прави коруптивни дела и заразува значително голем број лица. Ако корупцијата се рашири ќе ја убие способноста и одбранбениот механизам на институцијата.
Клучно за откривање и успешно отстранување на корупцијата во рамките на една организација е вниманието што ќе му се посвети на вирусот; ако нема задоволителен имунолошки одговор за да се исчисти вирусот и ако нештата се одвиваат незабележано тоа значи дека вирусот на корупцијата може да постои, да се шири и да биде неоткриен во рамките сè додека не привлече премногу внимание.
Корупцијата е социјален вирус, таа е опасна вирусна инфекција на група, институција или индустрија, а ширењето на вирусот на корупцијата може да ги осакати сите.
Во општество како нашето, корупцијата е антитеза на грижата и за поединецот. Колку и да е корупцијата мистериозна за науката, мора да се најде „вакцина“ за оваа болест.
ДА СИ ГО ИСЧИСТИМЕ ОПШТЕСТВОТО ОД ВИРУСИТЕ!
Автор: д-р Арбен Таравари, градоначалник на Општина Гостивар
