Двајца директори за еден Дрангов

///

Пишува: Атанас Величков

Директорите на Фондот за здравствено осигурување Стево Крстевски и Фатон Ахмети ја подновиле институцијата со којашто раководат со два автомобили форд титаниум во вкупна вредност од 80 илјади евра. Како оправдување за набавката се наведува фактот дека „„ФЗО последен пат има набавено 2 (две) патнички моторни возила марка Skoda Octavia Ambition 2,0 Tdi за свои потреби на 20.03.2014 година. Овие возила , Фондот ги користи за потребите на Централата и на 30-те подрачни служби на ФЗОРСМ низ државата . Со оглед на тоа што двете возила имаат поминато над 300 000 километри, тие се крајно амортизирани и трошоците за нивно одржување се значително големи“. Купиле нови автомобили, оти старите шкоди биле многу скапи за оддржување. Се сетиле младите раководители дека парите на граѓаните треба да се ценат и затоа ги набавиле новите коли. Хејтерите ќе речат дека го направиле тоа од жед за луксузирање во време на криза, но официјалната вистина е сосема поинаква, во дното на оваа одлука се крие желбата за штедење.

Договорот со единствената фирма којашто земала учество на тендерот е потпишан на 20 мај годинава. Четири дена пред празникот што си го присвоија Бугарите со одлука на нивниот парламент, пет дена пред Денот на младоста на другарот Тито „најмилиот син на македонските и другите народи“ и шест дена пред годишнината од смртта на големиот воен педагог и офицер од бугарската царска армија, чаирчанецот Борис Дрангов.

Двајцата „домаќини“ од ФЗОРСМ не ни слушнале за Дрангов, бидејќи во штабовите во коишто „скапувале“ со денови, работејќи за доброто на граѓаните, Дрангов е последниот историски лик, од којшто еден загреан да стане директор на јавно претпријатие партиски војник би земал пример. Пољубопитните од вас, можеби ќе се запрашаат зошто, одговорот е многу едноставен.

Во мај 1916 година, значи, 105 години пред тендерот за фордовите титаниум, подполковник Борис Дрангов е именуван за началник на школото за резервни поручници на бугарската армија во Скопје. Историјата вели дека додека тој раководел со тоа воено училиште, во неговиот кабинет немало пердиња за да може секој војник да види што прави неговиот командир, а мебелот и ентириерот во истата работна просторија покажувал дека во неа работи скромен и посветен на своето дело човек. Во кабинетот на Дрангов имало еден војнички кревет, една маса, еден стол и една полица за книги. Ништо повеќе. За аскетизмот на Дрангов се носеле легенди и заради истиот не бил омилен лик и кај разгалените офицери од неговата генерација, кои за разлика од него, знаеле кога да замолчат и да го добијат своето унапредување додека биле живи, а не посмртно како полковникот.

Во денешно време Дрангов би бил нарекуван будала, од истите тие кои лицемерно ќе пропиштат за тендерите, но со задоволство би учествувале во нивното „менаџирање“, доколку би имале таква можност.

Во колективната меморија на Македончето, освен фактот дека Бугарите се фашисти, длабоки корења има пуштено и констатацијата дека тој што бил на било каква функција, а не украл пари барем за еден стан во Скопје е ноторна будала.

Имаме потреба од такви ноторни будали.



Во нашата реалност, може да се најде објаснување и што е пострашно оправдување за секое луксузирање на партиските потрчковци чиј врв во кариерите би бил да станат директори, мотивирани пред се од можноста да пируваат во време на перманентна криза.

Ние се наоѓаме во токму таква ситуација, веќе 30 години, во перманентна криза според прописи и закони. Нема лага нема измама. На шефовите на ФЗОРСМ им следуваат службени автомобили и тие не се задолжени да се воздржуваат од тоа да си распишат тендер за истите. Се разбира за сите тие законски, но неморални активности плаќаат вистинските будали, а имено граѓаните на Македонија, кои сè уште не успеале да се евакуираат од земјата којашто е подготвена за почеток на преговорите за влез во ЕУ, но ете само Бугарите се фатиле за тоа кој како ќе го почитува, оцрнува или пика под тепих еден Дрангов да речеме.

Затоа многу полесно е да не го ни спомнуваме Дрангов. Неговиот пример е неконтабилен со денешната ситуација, иако „сме во војна со вирусот“, „во војна си корупцијата“, „во војна со криминалот“ итн.

Неколку војни водиме, резултати нема, а кога нема резултати, се наоѓа тема за широките маси, којашто има за цел да ги држи во некакво лажно единство, и се разбира некои ситни безобразни теми, кои се како истрпнување на некој крајник. Непријатно е но може да се преживее, а пак има и простор за појавување на „завојувани“ кампови, чии основен аргумент е „а вие кога бевте на власт, да не бевте поарни“. Тие што ги пишуваат глупостите од таков тип никогаш не биле на власт и тоа е можеби единственото позитивно нешто што ни се случило во последните 30 г., се разбира по тројката на Влатко Илиевски во последната секунда на натпреварот со Литванија на Европското во кошарка каде што завршивме 4-ти.

Водиме војни, а немаме ни претстава кој бил Дрангов.

Кога би имале храброст да менуваме двајца „домаќини“ директори како Стево и Фатон, за еден будала како Борис, тогаш конечно би докажале дека сме научиле нешто од историјата. Се останато се глупости, што добиле статус на канон, заради платите и привилегиите на слугите на сите режими.

Ни треба Дрангов, ама и да го најдеме, тој ќе избега од нас.

Претходна статија

МАНУ и новата „Веда Словена“*

Следна статија

„Чистото минато“ и валканото интервју на Петар Тодоров

Најново од Истакнато