| | |

МАНУ и новата „Веда Словена“*

Пишува: Атанас Величков

МАНУ во ова време невреме за македонската историја и култура како што вели колегата Љупчо Цветановски од „Алфа“ возврати на ударот…

На чиј удар? Овде можете да одговорите на стотици да не кажам илјадници начини. Простаците на социјалните мрежи например, како најраспространет труст на амеби би напишале „на ударот на источниот сосед“ и веднаш би ја „позлатиле“ академик Катица Ќулавкова бидејќи го приредила најновиот проект на нашата Академија, а имено научниот труд „Прилози за македонската историја и култура“, што опфаќа период од Бронзената ера до средината на минатиот век.

Период од илјадници години, собран во 650-60 страни уредно приредени од академик Ќулавкова, во едно луксозно издание, што треба да им покаже на сите соседи, освен се разбира на Србите, дека македонштината има континуитет од илјадници години. Се разбира бидејќи шестотин и пет шеесет станици се мал простор, уредувачкиот тим се договорил некои работи да бидат прескокнати, елиминирани и оставени за некои други едиции, што најверојатно ќе се појават во некои поубави времиња за вистинската историска наука, чии проекти нема да бидат уредувани од писатели, поетеси, фолклористи итн.

Бидејќи не се сомневам во објективноста на почитуваната Ќулавкова сум сигурен дека додека се договарале што да влезе, а што не во „Прилозите“ на МАНУ, се нашле неколку страници и за анализа на непознатата апокрифна творба до 50-тите години на XIX в. “Слово Кирила славенца солунскаго философа бугарскаго”. Апокрифното писание е објавено за прв пат од еден познат македонски преродбеник Јордан Хаџиконстантинов-Џинот, кој меѓу другото потекнува од родниот град на академик Ќулавкова-Велес. Како верификација на вистинитоста на ова творба може слободно да се земе фактот дека истата е објавена во “Гласник Друштва српске словестности” во 1856 г.

Замислете само каква каша-попара… Етничкиот Македонец Јордан Хаџиконстантинов-Џинот (кој самиот себе си се потпишувал како “Многострадалньiй Болгарин ) објавил бугарска апокрифна легенда во српско гласило. Овде не да е потребно толкување, си треба темелна анализа. Да фати некој еминентен историчар, писател, поет или фолклорист и многу јако да протолкува и се разбира да им објасни на поранешните антички и сегашни словенски Македонци, како тоа Македонец и тоа преродбеник објавил во српско гласило легенда за бугарскиот филозоф Кирил. Овде немаме момент на моралност да се напише нешто како бугарско, бидејќи се објавува во српско списание, Џинот можел комотно да го помакедончи филозофот, браќата Срби немало да му се лутат или пак да го цензурираат.

Во крајна сметка големиот велешанец не ни морал да ја објави токму таа легенда… можел да ја елиминира, селектира и дури да ја интерпретира, нели сето тоа е дозволено. Барем така вели самата приредителка на проектот „Прилози“ на МАНУ. „Историјата не е збирштина од голи факти… не е депонија“, вели Ќулавкова во својот говор на промоцијата на ова гломазно дело. Историјата може да се интерпретира, може да се толкува…

Историја е кога ќе ги наречеш сопствените претци глупаци, кои лесно потпаѓале под туѓи пропаганди. Историја е кога ќе тврдиш дека Гоце Делчев кој се исправил против цела една империја се пишувал Бугарин, оти така требало и не можел да се изјасни како Македонец. Историја е кога ќе објавиш меморандум во којшто ќе напишеш дека требало: „да се уважуваат не само објективните факти и научната аргументација, туку и комплексната интерпретација на историските факти, настани и личности;“. И уште еден куп примери за историски глупости можам да ви „приредам“, јас којшто не сум историчар, а тоа важи и за академик Ќулавкова. Таа не е историчар. Но изгледа дека тоа за македонската објективна научна мисла не е никаков проблем.

После се чудат некои зошто не врви работата со Комисијата за историја. Зошто никој досега не се охрабри да го демантира проф. Наум Кајчев кој во изјава за Бугарската национална телевизија дадена на 15 октомври минатата година рече дека еден негов колега од македонските историчари рекол дека „ако признае дека Гоце Делчев е Бугарин, ќе биде обесен на првото улично светло“. Нам ни останува да се чудиме, а на „сивите еминенции“ од МАНУ, ИНИ, Филозофскиот факултет, Богословскиот факултет, Институтот за македонска литература и
Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ им останува да ги селектираат, елиминираат и интерпретираат историските факти и настани, коишто ќе ги презентираат пред македонската јавност како оправдување за самото свое постоење. Ете им вративме на Бугарите. Им напишавме убаво на неколку стотици страници дека имаме континуитет долг милениуми и за десерт им спремивме анализи дека тие не биле администратори, туку окупатори.

Почитуваната г-ѓа Ќулавкова е во право, историјата навистина не е депонија, во неа не може да се бара хартија или пластика за отпад. Историјата е за да нè подучи, да не ги повторуваме грешките на тие што биле пред нас и да земеме пример од оние што оставиле трага во истата, со своето дело, своите идеи и својата саможртва. Историјата е наука и мора да биде почитувана како таква. Таа не е бајрак за мавтање пред источни, западни или јужни соседи. Таа не е ни детергент за перење на валкани алишта и совести. Совести ли напишав. Извинете за мојата невоспитаност, припејд научниците, што направија кариери, со манипулации, толкувања, прескокнувања и оцрнувања одамна раскрстиле со нивните совести и ниту еден лицемерен аплауз на квазинаучна собиранка не би можел да им ги врати. За жал.

*„Веда Словена“ е збирка песни објавени во 2 тома во 1874 и 1881 собрани од Стефан Верковиќ и Иван Гологанов. Зборникот содржи недокажани тврдења дека Тракијците, Македонците, Илирите потекнуваат од Индија. Според голем број еминентни научници како Константин Иречек, Михаил Арнаудов Иван Шишманов и др. Зборникот е мистификација.

Слични Објави