| |

Битка за македонскиот јазик и правопис ?!

Пишува: Владимир Перев

Кога пред триесет години бугарскиот претседател Жељу Желев прв ја призна независноста на Република Македонија, реакциите од македонската страна беа двонасочни; едните (малкумина) кои припаѓаа на блокот проверени противници на Југославија и комунизмот, признанието го прифатија со воодушевуваање, како сигнал за конечно подобрување на односите мегу народот од двете страни на границата, додека пак другите, кои припаѓаа на пројугословенската идеја и русофилската определба, признанието го примија со длабоко спротиставување и забелешки. Академикот Блаже Ристовски, кој во меѓувреме и обавуваше определени високи државни функции, го изјави своето несогласување низ сите медии, тврдејќи дека нему не му треба признание за државност, дека тоа е речи си ништо, а дека е нужно признание на посебноста на македонската нација и јазик. За да нема недоразбирања, во бројни тв емисии кои следеа, (не)почитуваниот академик, побара Бугарија да се извини за окупацијата на Македонија во време на Втората светска војна како и за учеството во прогонството на македонските евреи во Треблинка. Стана јасно дека се придвижија секогаш будните лостови на југословенската УДБ-а, а “фолклористот“ беше само иницијацијата за одржување и развивање на повисоко ниво на натамошната омраза меѓу поделените братски народи.

Деновиве низ Македонија се заговара председателот Желев да прими посмртно одликување за неговата навистина храбра мисија, како и за сестраната помош на Македонија за време на грчкото ембарго. Навистина, денес со Грција сме пријатели, но односите со Бугарија се на најниското ниво до сега. Затоа и не треба да не чуди изјавата на Стево Пендаровски дадена за белградска “Политика“ (07.06.2021 г.) во која повторно се јавуваат сеништата на минатото: “Македонскиот идентитет и јазик не се, ниту пак би можеле да бидат предмет на какви било преговори. Нашиот идентитет и македонскиот јазик се резултат на културен и научен факт, резултат на долгогодишниот историски и културен развој. Впрочем, процесот на развојот на нашиот идентитет и јазик по ништо не се разликува од развојот на јазиците и културите на соседните народи.“

Ако до сега никој не му кажал на македонскиот претседател какви биле патиштата на развојот на македонскиот јазик, со какво политичко и насилно влијание бил спроведуван низ политичкиот и образовниот систем, време е да се запознае со некои факти од “долгогодишниот историски и културен развој’ на нашиот јазик.

Во својство на врховен партиски и државен фактор во Македонија, Лазар Колишевски на чествувањето на 100 годишнината на Велешката гимназија, во својот говор објавен во “Нова Македонија“ на 6 јануари 1959 година, дословно ќе каже дека “денес македонскиот јазик во Федеративна Народна Република Југославија не може да биде изолиран од взаемното влијание на јазиците на југословенските народи, затоа што општествено-економскиот развој и социјалистичката пракса создаваат редица нови заеднички изрази и термини“…по јасна порака за унификација на јазикот во говорното и пишано српско-хрватското море на говор и писменост, од околу 14 милиони души, здравје…чисто и јасно, како неговиот говор да го пишувал Стојан Новаковиќ!

Само шест години подоцна, писателот и основоположникот на македонската драма Васил Иљоски, по повод чествувањето на 20 годишнината од воспоставувањето на македонската азбука, пак во “Нова Македонија“ од 8 јуни 1965 година ќе се произнесе: “Секој дијалект може да се оформи во литературен јазик, дури и оној кој никогаш не бил таков, затоа што сите литературни јазици на сите народи се оформиле од нивен дијалект или комбинација од дијалекти…таков бил и случајот со македонскиот јазик, кој сметан од србите за српски, слободно може да вклучува и српски елементи…културната активност на другите јазици во Македонија е ден од условите за брзото и успешно оформување на македонскиот литературен јазик…секогаш вдахновено и инструктивно взаимодејствува примерот на Вук Караџиќ…политиката на една нација може да нанесе зло и штети на друга, но културата-не, може да има само придобивки!“

Сепак, работите со јазикот не стојат така добро како што тоа ни го претставуваат тогавашните владини и комунистички мегафони, олицетворени врз остатоците на југословенството уште од времето на кралската Југославија, за подоцна да заседнат во удобните фотелји на државните институции, вклучително и во посакуваната од сите МАНУ, каде што арендите и конформизмот се присутни и до денешен ден.

Гласот на совеста во еден миг е и гласот на философот д-р Јонче Јосифовски кој во НМ од 10 август 1980 година во својата статија пишува: “Работите со нашиот јазик стојат донемајкаде лошо, од лошо полошо…доведен до дно, фрлен во калта на негрижата…на човек му се лоши кога чуе како се говори…голема дружина на набедени магистри и доктори дури и во Катедрата за македонски јазик и Институтот за македонски јазик и на крајот самата Македонска академија на науките и уметностите…човек би требало да се запраша што останало од нашиот литературен јазик…“

Во НМ од 11 јули 1984 година писателот и поет Бранко Цветковски, очаен и возбуден, меѓу другото и ќе напише: “…тревожна е и една друга појава. Примањето на ткн политички речник, со сите негови недостатоци во синтаксата, лексиката и акцентот… напливот на зборови од српско-хрватскиот јазик, зачестило мешу оној дел од интелигенцијата кој се занимава со литературна дејност, кога се во фунција на делегати, референти, претставители на здруженија…“

Не останува подолу ни Лилјана Минова Ѓуркова која во НМ од 5 декември 1984 година пишува дека “преводите на македонски се под секоја критика, бидејќи се под силно влијание на српско-хрватскиот јазик…воопшто речено, вистинска инвазија на српскиот јазик…“

Во распаравата за јазикот се вклучува и Илија Милчин, (НМ 3 октомври 1984 год.)кој со нему својствената острина говори за јазикот како грозен и изопачен, јазична грозотија, па и самиот не можел да прочита текст.

Сето ова минува незабележано низ македонската општественост во тие години. Повиците на поети, писатели, артисти и философи за спасувањето на македонскиот јазик, немаат одѕив кај официјалната власт и тогавашната единствена партија СКМ. Навистина, се формираат некакви тела за јазик, правопис и правоговор, ама резултати од нивното дејствие нема. Не може ни да има, кога се говори со политички речник, кога се говори со еуфемизми како на пример, “влијанието на српско-хрватските говори и писменост во македонскиот јазик“. Но, во Бугарија ситуацијата се следи внимателно. Бугарските филолози и општественици ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата со македонскиот јазик, како дел/најблизок до бугарскиот и опасностите по самиот бугарски јазик, заради сродноста најазикот и народот и секојдневната комуникација. Не можат да реагираат затоа што Бугарија е де факто под руска/советска окупација, а главниот “кројач“ на македонските дијалекти во јазик, е советскиот филолог Державин. Тој е истиот Державин кој во наредната година ќе изврши и “реформа“ на бугарскиот јазик и истиот ке го “модернизира“ така, што ќе успее да го оддалечи најмногу од македонските наречја.

Конечно, бугарскиот филолог и стариот ванчомихајловист Коста Црнушанов, ќе ја разбие тишината на бугарските академски кругови и на популарен јазик, во списанието “Македонски преглед“ од 1991 година, во книга 1 и 2. Ќе ја објави статијата “Србизирање на македонскиот административен “литературен јазик“! (Македонски преглед: година XIV, 1991, кн 1 и 2. СЪРБИЗИРАНЕ НА МАКЕДОНСКИЯ КАЗИОНЕН „ЛИТЕРАТУРЕН ЕЗИК”) Овој материјал е и основата на оваа статија.

Како сево ова да не беше достатачно, стариот михајловист, на крајот на својот текст ќе не запознае и со една малку позната позиција на, кај нас речи си воспеаните лозари, кои би требало да се далечната основа на нашиот модерен македонизам, национален и јазичен. Од списанието “Лоза“ книга 2, тој буквално цитира изјава на лозарите: “Да създаваме отделен „македонски език” би било глупост от наша страна… Нашето убеждение е, че македонските наречия нема да представят почва за образование отделен, самостоятелен, литературен език… и то главно по тези две причини…“

Црнушанов беше еден од ретките кој ја сфатија опасноста по генетичната и јазичната врска мегу бугарскиот и македонскиот јазик, што во суштина е и генетичната врска меѓу двата народа. Станувајќи во одбрана на македонскиот “казионен“ јазик, тој застана во одбрана на единството на духовноста меѓу двата народа, на единството на јазикот од неговите прапочетоци, па преку В’зраждането олицетворено во Жинзифов, Миладиновци и Шапкарев, до јазикот на оние кои сакаа да го признаат суштествувањето на две нации и два јазика, но само од Илинден 1944 година наваму.

Овие неште многу подобро од сите нас ги знаеше и академикот “фолклорист“ Блаже Ристовски, па отаде и неговиот презир кон чинот на признавањето на самостојноста на Македонија, кај нас олицетворено низ ликот на Жељу Желев. И да не се лажеме, не беше само Блажето…презир пројавуваше и целата МАНУ, сите општествено политички организации, а најмногу тогавашната СДСМ.

Некои од нас, признавањето го прифативме како благослов даден од Бога, како надеж дека работите ќе се поместат од мртвта точка. Денес не мислиме така. Ако македонските политичари и научници, од необјасниви (или објасниви!) причини и прилики го сменија својот однос кон Желев, па минаа од презир и неблагодарност, кон елементарна благодарност олицетворена низ некакво одличие, орден или што друго, другите го променивме мнението во обратна посока. Денес е видливо дека признавањето на Македонија од стана на тогавашната бугарска политичка елита било погрешен чин, дека последиците се чувствуваат и денеска, а односите се полоши од кога било. Примерот со, на нас македонците “омразената“ Грција, треба да биде патоказ за решавање на “македонскиот Гордиев јазол“.

Пријателското патување на Пендаровски и Радев во Рим беше нужност, како и нивните евентуални разговори за здравјето, времето и семејството. За Светите Кирил и Методиј сигурно не разговарале, тие и така знаат сѐ за нив. Сепак, Пендаровски требало на Радев да му ги покаже изјавите на македонските првенци околу признавањето на Македонија од страна на Желев, бројните мислења на “фолклористот“ за Бугарија и бугарите, па потоа и двајцата да го прочитаат Црнушанов. Така, позициите ќе беа појасни, барем ќе се знаеше кој што бара, кој што признава и кој треба да признае нешто кое најмногу ќе личи на сопственото самоубиство. Некои од нас знаат дека веќе ги нема руските интелектуални “силови групи“ со нивното лажно лобирање и пријателство кон Бугарија и со скриената поддршка на Србија, која денес е јавна работа, па дури и за “натовскиот“ офицер Радев.

Ова не е крајот, ова е само првиот чин од трагедијата наречена “македонски јазик“, а поддржана од политичари и научници на кои Македонија, нејзиниот јазик и нација им биле на последното место на нивните интереси. Вториот чин на трагедијата се одигрува некаде околу 1988 година, кога српските служби и нивните стогодишно инсталирани епигони во Македонија, се обидуваат да да ги преземат и окупираат пространствата на македонскиот јазик и битие, па макар да биле “казионни“, со цел да се раскине и понижи бугарското етничко, јазично и национално ткиво…за тоа, следниот пат…

Слични Објави