Пет земји, меѓу кои и Бугарија, се дел од иницијативата за модернизација на коридорот Александруполис–Одеса
Грчкиот министер за инфраструктура и транспорт, Христос Димас, одржа видеоконференциска средба посветена на модернизацијата на транспортниот коридор Александрополис – Одеса. На разговорот учествуваа ресорните министри од Бугарија, Романија, Молдавија и Украина, како и европскиот комесар за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Ѕидзикостас, јави грчкото издание OT, пренесува БГНЕС.
Одлуката за засилена координација и активности за обновување на овој коридор беше донесена по телефонскиот разговор меѓу грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Коридорот Александрополис – Одеса веќе е вклучен во планирањето на тристраната иницијатива меѓу Грција, Бугарија и Романија, под координација на Европската комисија и со учество на Молдавија и Украина. Целта е унапредување на поврзаноста и транспортната инфраструктура во рамките на стратешкиот проект „Балтичко Море – Црно Море – Егејско Море“.
Во јуни 2024 година, Советот на ЕУ го одобри ажурираниот регламент за трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), со кој се предвидува проширување на европските транспортни коридори кон Украина и Молдавија. Во тој контекст, оската Александрополис – Одеса веќе е дел од европскиот транспортен коридор „Балтичко – Црно – Егејско Море“ (BBA).
На видеоконференцијата била разгледана и подготовката за средбата на шефовите на држави и влади на петте земји, која ќе се одржи во септември во кулоарите на Генералното собрание на ОН.

