Лустрација – историска депонија за човечки отпад
Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/Нетпрес
Се сеќавам колку циничен беше коментарот на еден од „великаните“ на комунизмот (поранешен „голем“ амбасадор), зајадливо исмевајќи се со процесот на лустрација со својата тајфа загари. Инаку, коментарот беше упатен кон мене, секако не директно, зашто таквите како него никогаш немале храброст работите да ги кажат во лице. Знаев за каква „величина“ (читај мифка) од човек се работеше и знаев една поинаква срамна вистина за него од онаа запишана од државните историчари. Годините поминаа, него веќе го нема, лустрацијата како да ја заборавивме. Можеби требаше да ја заборавиме, зашто некој рече дека лустрацијата во Македонија не била успешно изведена? Била обичен лов на вештерки. Така сакаа да веруваме за да продолжиме да живееме со срамното комунистичко минато. Така веруваа оние југоносталгичарите за кои постоеше само една вистинска држава, а тоа не беше онаа на македонскиот народ. Или пак оние кои сервилно му служеа на таквиот режим, хранејќи го со зло и омраза преку жртвување на судбини на луѓе кои идеолошки се разликуваа од нив. Можеби и треба да ги оставиме во блажениот занес на самозалажувањето. Нека продолжат да мислат дека повторно успеаја да се скријат во темните депоа на архивот на Македонија, или да исчезнат од виртуалниот простор на интернет. Забораваат дека има историски запис за злото што го посеале во Македонија за бедни привилегии и пари.
Кога немаме историска депонија на која може да се рециклира овој вид на човечки отпад, добра ќе е и лустрацијата, каква-таква. И, да, имате право да размислувате дека лустрацијата немаше врска со некаква транзициска правда, туку имаше врска со одмазда. Секако, од нивна перспектива лустрацијата не можеше да биде ништо друго освен одмазда на понижените и угнетените, зашто поинаку не се научени да размилуваат со нивниот изопачен ум загноен од омрaза. Оние кои за пари и привилегии си поиграа со судбините на луѓето и кои не знаеја друго освен да се одмаздуваат на немоќните, гледам одбиваат да се соочат и платат, иако морално се веќе стигматизирани, за злото што го направиле. Делуваа гротескно и очајно бранејќи се од лустрацијата, портретирајќи се низ процесот како премногу ментално нестабилни и злобни соочувајќи се со вистината за себе и времето во кое живееле. Човек треба да биде „маж“, а не кукавица во облик на „маж“ да се соочи со самиот себе. Видовме какви „мажи“ се без заштита од власта. Обични кукавици кои бегаат од вистината кога треба да стојат, да молчат кога треба да зборуват. Премногу плачење, лелекање не ги личи. Такви „велични“ во едно друго време гордо го носеа својот срам. Сега видовме какви „безкоскени створови“ биле, соочени со вистината за нивниот кодошлак и го почувстувавме прекумерениот страв од нивното лично соголување низ тој процес.
Не може да се раскаже приказната за Македонија без да ја одржите виталната меморија на овој народ преку преиспитување на минатото, оспорувајќи ги неговите воспоставени наративи и скенирајќи го нашиот однос кон историјата. Лустрацијата требаше да биде форма на психолошки притисок врз општеството во рамките на законските можности да се соочи со своето срамно минато. Лустрацијата требаше да го запре свесното лишување на луѓето од сеќавањата за злото на минатото во Македонија и оние човечки монструми што го создале и одржувале денунцијанството во „социјализмот со човечки лик“. Велат дека авторитарните режими се експерти во манипулирање со сеќавањето, промовирајќи носталгија по минатото и блажена амнезија. Така беше и со лустрацијата. Само колку гнев и омраза се истури врз луѓето што го поддржуваа процесот на лустрација. Но, лесно е да живееш со гневот и омразата на тој човечки шљам, кога знаете дека тоа била и останала нивната духовна храна. Одбивам да дозволам сеќавањето за злото на минатото да стане ригиден идол, преминувајќи од простор што потикнува размислување во статичен мит. Предолго живеам во режим на благо наметната амнезија, манипулација со меморијата и уметност на заборавање за да дозволам тоа да продолжи. Лажни вистини, расфрлани спомени, скршени соништа и изгубена надеж. Тоа е она во што ја претворија Македонија кодошите, градејќи „паралелна држава“ преку која ги злоупотребуваа посткомунистичките државни институции за да ја скријат вистината за себе.
Лустрацијата, колку и да беше далеку од идеална, сепак ги извади на светлина кодошите од нивните темни историски дувла и ја покажа вистинската слика за каков расипан човечки материјал станувало збор. Во кодошењето нема ништо доблесно и патриотско како што се обидуваа да го претстават, оспoрувајќи ја лустрацијата. Зарем има уште некој што верува дека кодошењето било од патриотизам: можеби ако парите и привилегиите се синоним за патриотизам во вашите изопачени умови. Тоа беше нивната Македонија која не сакаше да раскине со своето комунистичко минато. И, се уште се борат со тоа. Оние другите, нивните жртви, државата ги заборави закопувајќи им ја надежта за вистината. Останаа сами – тие што им значеа веќе заминаа барајќи ги откорнатите делови од себе што недостасуваат во Македонија некаде на друго место. Сите низ животот го носиме својот крст. Кодошите го носат својот срам. Тука сум да ги потсеќам. Слаби, инфериорни, уплашени, патетични – тоа е вистинската слика на македонскиот кодош денес. Затоа размислете – каква порака испраќам и на која страна од равенката сакам да бидам кога навредувам некого нарекувајќи го како дел од женската анатомија? Ама, воспитувањето и образованието не ми дозволуваат да го напишам тоа. Но, сериозно го мислам тоа за овој човечки отпад.

